Автор: Туристичка организација на Србија
Посетата на културни атракции може да биде одличен повод за екскурзија или подолго патување. Тоа е одличен начин да се запознае историјата и менталитетот на дестинацијата каде што одите, па сè повеќе културни институции се обидуваат да создадат поставки и содржини кои ќе бидат привлечни не само за домашните, туку и за странските посетители. Поголемите дестинации имаат повеќе музеи и галерии каде што секој може да ужива во културата според својот вкус, а и помалите места имаат нешто што може да го покажат. Во продолжение ви претставуваме 5 институции во 5 српски градови. Можеби веќе сте планирале посета на некоја од овие дестинации, па музеите и галериите ќе ги додадете во својот план за престој, или можеби некоја изложба или тема дополнително ќе ве поттикне да се одлучите за патување. Изборот е ваш!
Народен музеј на Србија во Белград
Ретроспективната изложба на српскиот вајар Јован Кратохвил (1924-1998) е поставена во годината кога се одбележува стогодишнината од раѓањето на уметникот, со цел овој богат и разнолик уметнички опус за првпат да биде целосно согледан.
Народниот музеј на Србија на 15 ноември отвора изложба која за првпат ги обединува најзначајните дела на вајарот, од сите творечки фази, создадени во периодот од четириесеттите до осумдесеттите години на 20-тиот век. Почнувајќи од партизанската уметност и уметноста на социјалистичкиот реализам, преку патот кон апстрактниот израз во рамките на социјалистичкиот естетизам и модернизмот, истражувајќи го работењето со различни материјали, па сè до пионерските скулптури изработени од проѕирен полиестер.
Музеј на градот Нови Сад
Интерактивната мултимедијална изложба „Милева: Ние сме карпата“, посветена на брилијантниот ум и достигнувањата на Милева Мариќ-Ајнштајн, е отворена цела година во Музејот на градот Нови Сад на Петроварадинската тврдина. Изложбата се состои од многу силен визуелен наратив, кој на впечатлив начин се приближува кон ликот и делото на познатата научничка.
Со употреба на најмодерни технологии, дигитален звук, холограми, 3D анимации, како и класичен уметнички јазик, посетителите се воведуваат во самиот центар на настаните. Движењето на публиката е условено со сценографијата која цело време комуницира со нив и го прави просторот магичен. Изложбата е отворена секој ден, освен понеделник, од 9:00 до 17:00 часот.
Музеј на маргинална и наивна уметност во Јагодина
Музејот на маргинална и наивна уметност во Јагодина, единствен од ваков тип во Србија, има една од најзначајните збирки дела во светот. Исклучителната творечка енергија на самоуките сликари има оформено автономен свет на наивната уметност – спонтан, без правила, полн со живи бои и фолклорни мотиви, а музејот во Јагодина значително придонесува за афирмација на оваа уметност на меѓународната сцена.
Шест децении континуирано се преиспитуваат начините на согледување, претставување, интерпретација и стручна заштита на вистинските вредности и суштината на автентичната самоука, наивна и маргинална уметност и сродни уникатни творечки изрази. Галеријата на Музејот на наивна и маргинална уметност во Јагодина на околу 580 квадратни метри изложбен простор прикажува постојана поставка и повремени изложбени програми.
Народен музеј во Зајечар
Народниот музеј во Зајечар е музеј од комплексен тип, во чии рамки денес работат стручни одделенија за историја, историја на уметност, археологија, етнологија, документација и нематеријално културно наследство. Во својата колекција музејот има околу 15 илјади предмети. Некои експонати имаат истакнато место во светското културно наследство (мозаиците, скулптурите и архитектонските украси на царската палата Феликс Ромулијана).
Фото: Феликс Ромулиана
Во рамките на Народниот музеј се наоѓаат и Радул-беговата Конак (дел од етнолошкото одделение и галерија) и познатото археолошко наоѓалиште Феликс Ромулијана, кое е на листата на Светското културно наследство на УНЕСКО. Музејот прерасна во еден од водечките музеи во Србија, а неговото значење одамна ги надмина локалните рамки и денес со право има меѓународно значење.
Галерија на современа уметност во Ниш
Во текот на следните месеци, Галеријата на современа ликовна уметност ќе понуди на јавноста две колективни изложби – Нишки салон 12/2 и Нишки цртеж. Нишки салон 12/2 е традиционална годишна изложба, која ГСЛУ ја организира по деветти пат од 14 ноември до 14 декември и на неа ќе биде претставена продукцијата на дванаесет уметници од различни краишта на Србија, со дела од последните пет години.
Нишки цртеж е традиционална тематска годишна изложба која ГСЛУ ја вклучи во својот редовен програм уште во деведесеттите години, а овогодишниот Цртеж е јубилеен триесетти и предизвикува сè поголем интерес кај уметниците од целиот регион и досега брои над илјада автори. Негувајќи го цртежот како самостојна ликовна дисциплина, Галеријата со оваа ревијална изложба нуди на јавноста увид во промените во перцепцијата на цртежот како медиум низ времето, до актуелните уметнички практики и современите визуелни тенденции.
Повеќе за можностите за патување во Србија дознајте на веб-страницата на Туристичката организација на Србија.