„Култура што нè поврзува со светот“: Муцунски за 35 години независност и афирмацијата на македонскиот идентитет

По повод 35 години независност на Македонија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски порача дека културата е еден од најсилните изрази на македонскиот идентитет и важен начин земјата да се поврзува и да се претставува пред светот.

Во објава на социјалните мрежи, Муцунски истакна дека три и пол децении независност се потврда на државноста, идентитетот и вредностите што се градат со посветеност, достоинство и одговорност.

„Културата е еден од најсилните изрази на она што сме. Таа ги чува нашиот јазик, традиција и историска меморија, а преку музиката, уметноста и современото творештво ја пренесува македонската автентичност во светот“, напиша Муцунски.

Како дел од одбележувањето на 35 години независност, македонската култура деновиве беше претставена во повеќе европски и светски центри.

Во Париз беше одржан концерт на Игор и Ана Дурловски, додека во Брисел препознатливиот „Манекен Пис“ беше облечен во македонска народна носија. Во Загреб, пак, фонтаните беа осветлени во боите на македонското знаме.

Македонија беше претставена и во Абу Даби, каде беше меѓу почесните гости на 35. Саем на книгата, а Националниот ансамбл „Танец“ настапи во Лондон и Оксфорд.

Во Тирана беше организирана и Недела на македонската култура, преку која македонската музика, уметност и творештво беа претставени пред тамошната публика.

„Овие денови, во повеќе светски центри, македонската култура се претставува достоинствено и препознатливо, во чест на 35 години независност“, истакна Муцунски.

Тој посочи дека преку дипломатската мрежа ќе продолжи афирмацијата на македонската култура и идентитет и градењето врски со меѓународната јавност.

„Преку дипломатската мрежа продолжуваме силно да ги афирмираме македонската култура и идентитет, градејќи мостови на пријателство, почит и соработка со светот“, порача Муцунски.