„Култура под небото“ – културна манифестација во Паркот на Франкофонија

Од денеска до 15 јуни, на отворената сцена во Паркот на Франкофонијата ќе се одржува културната манифестацијата „Култура под небото“, кој е во организација на „Булфрогс Балет“ и „Булфрогс продукција“, а поддржан од „Халкбанк“ АД Скопје, Општина Центар и „Алфа Парф“ Милано – Македонија.

Како што информираат од „Булфрогс Балет Продукција“, „Култура под небото“ е проект за подобрување на физичкиот и менталниот развој на децата и младите и за поттикнување на едукација во културната сфера. Во рамки на програмата ќе се одржуваат часови по класичен балет за деца и млади од 3 до 18 години, aerial stretching – техника за истегнување со помош на платно, како и ПБТ часови за мускулна меморија и превенција и корекција на деформитети во екстремитетите и грбот.

Во рамки на „Култура под небото“ ќе се одржат и разни културни манифестации, отворени за посета и учество на сите заинтересирани деца и млади, меѓу кои: театарски претстави во соработка со неформалното актерско здружение ДрамАрт, музички концерт на ученици од музичкото училиште Модоарс од Скопје, едукативни работилници за правилна селекција на електронскиот отпад и отпадните батерии како и промоција на детска книга Суперхерој Нула со Друштвото за управување со отпад Нула Отпад, а во организација на Халкбанк ќе се одржи и работилница за креативно пишување, драмска работилница со Халки, како и промоција на сликовницата на Халки чија цел е поттикнување и промовирање на вистинските општествени вредности.

– Идејата за отворена сцена во срцето на Скопје се „крчка“ веќе извесно време, а произлезе од потребите за уметнички израз и глад за култура под отворено небо, без страв и неизвесност во време на пандемијата. Активностите на Булфрогс Балет на отворено започнаа во 2021 година во градскиот парк, а оваа година целата програма ќе биде издигната на едно многу повисоко ниво, со поставување на пространа отворена сцена во центарот на паркот на Франкофонијата и богата програма, посочуваат организаторите на културната манифестација.

Според Александра Никифоровски, уметничка директорка на „Булфрогс Балет“, токму овој спој на природа и уметност е одговор на потребите на младите кои не беа спремни да се откажат од љубовта кон уметноста.

Целосниот проект е поставен на темелите на општествена одговорност, кој станува неизоставен дел од работата на компаниите, како начин да се придонесе кон заедницата. Поддршката на „Халкбанк“ за овој проект од областа на културата е директна поддршка и придонес кон општественото добро, а пред се кон подобрување на квалитетот на живот на децата и младите:

– Како општествено одговорна компанија, инвестираме во програми кои позитивно влијаат на општеството и создаваат нови навики преку иновации. Водени од мотото на банката – „Важни се луѓето“ – ова партнерство за нас беше значајно, бидејќи сметаме дека „Култура под небото“ ги става луѓето во фокусот, овозможувајќи им на децата и младите да се изразат себе си, и да се запознаат поблиску со уметноста, поттикнувајќи ги на креативност и творење, негувајќи вредности како другарство, инклузија и грижа, велат од „Халкбанк“ АД Скопје.

„Булфрогс балет“ е интернационално училиште за балет основано во 2009 година и веќе 13 години успешно спроведуваа балетско образование за деца и млади од предучилишна возраст, основно и средно образование, како и балетски продукции според европски и светски стандарди. Низ годините Булфрогс Балет има продуцирано девет балети и над 15 одиграни претстави, еден документарен филм, пет театарски претстави, осум летни балетски школи, како и повеќе од 20 работилници, мастер класови и едукативни предавања.