Кулата на Водно ќе биде пуштена во употреба до крајот на септември

Сè уште нема официјален датум за пуштање во функција на телекомуникациската кула на Водно. Според најновите информации од Агенцијата за електронски комуникации тоа би било најдоцна до крајот на месец септември, но не сакаат да шпекулираат со точниот датум бидeјќи добивањето на употребна дозвола за објектот зависи од повеќе институции. 

По повеќе од една деценија од почетокот на изградбата, капиталната инвестција е завршена, но се очекуваат дозволи за технички преглед и прием кои подразбираат низа административни процедури. 

- Првично кулата беше без пристапен пат и електрична енергија. Добивме дозвола за далекуводот, сега очекуваме од Министерството за транспорт и врски, согласно законските процедури, формирање на комисија за увид за евентуални забелешки и мислење по што очекуваме да ја добиеме употребната дозвола за градбата, брифираат од АЕК за Скопје Инфо.

Додаваат дека рокот со изведувачот „Гранит“ е до 30. септември, со рок за продолжување. По техничкиот прием следи официјално пуштање во употреба. 

Кулата започна да се гради во ноември 2013 година и во текот на реализацијата проектот се соочи со повеќе финансиски, административни и технички предизвици. 

Кулата е висока 155 метри и се наоѓа на апсолутна кота од 1.034 метри надморска височина во парк шумата Водно. Таа ќе служи за пренос на радио и телевизиски сигнали, мобилни комуникации и други телекомуникациски услуги, со што треба да се обезбеди покриеност за Скопје и поширокиот регион.

Покрај телекомуникациската функција, објектот има и административни простории, а на врвот е предвиден панорамски ресторан со поглед кон Скопје. По ставањето на кулата во функција се очекува да биде распишан јавен повик за избор на оператор кој ќе стопанисува со ресторанот.

Деталите за текот на изградбата на еден од најголемите инфраструктурни проекти во Скопје во изминатата деценија на следниов ЛИНК