Кукли во форма на жирафа и слон во вистинска големина ќе има на сцената на Театарот за деца и младинци

Кукли во форма на жирафа и слон во вистинска големина ќе има на сцената на Театарот за деца и младинци-Скопје кој утревечер премиерно ќе ја изведе куклената претстава „Тоби“ според текст на Флоријан Зденек. Адаптацијата на текстот и режијата е на Драгослав Тодоровиќ од Белград.

Во „Тоби“ играат Марија Ѓорѓијовска, Катарина Илиевска Силјановска, Винета Дамческа Мојаноска, Ана Левајковиќ Бошков и Мики Анчевски. Креацијата на куклите, костимите и сценографијата е на Ирина Сомборац од Белград, со помош на Кирил Василев и Љубица Велкова како помошници. Видео анимацијата е на Емил Петро, композитор е Виктор Апостолоски.

Директорката на Театарот за деца и младинци Катарина Илиевска Силјановска на денешната прес-конференција рече дека претставата е исклучително шарена и убава, наменета за најмладата публика и со кукли кои досега ги немал Театарот.

Постои нешто, особено кај младите, што изгледа како непремостива препрека, никако не сте задоволни од сопствениот изглед. Каква тага и горчина … Меѓутоа, ако имате, како јазовичарот Тоби, пријателка како госпоѓата Флора, вие многу брзо ќе ја надминете оваа безмислена грижа. Едноставно, со помош на пријателите ќе се видите себе си од еден сосема друг, среќен агол. Па, вие сте вешти , остроумни , а бога ми и многу згодни. И уште нешто, немојте да се китите со туѓи перја. Ќе излезете смешни – вели режисерот Драгослав Тодоровиќ.

И покрај овој суштински аспект на детската драма, во неа се читаат и откриваат навистина се уште актуелни проблеми кај луѓето: необјаснива желба за промена на сопствениот изглед, потоа дискриминација по најразлични основи, физички, социјални, расни итн. Во секој случај најважно е ние самите да бидеме среќни и да бидеме прифатени со она што го носиме, со она што имаме да го понудиме на овој свет. Публиката ќе може да види богати, ведри и духовито дизајнирани кукли кои ќе донесат многу свежина и игра во детските очи, најавуваат од ТДМ.

Режисерот Тодоровиќ истакна дека со задоволство и леснотија работеле со екипата.

– Претставатата не е моја, таа е наша. Текстот е многу интересен за мали деца, но и за адолесцентите бидејќи тие имаат најмногу превирања кога доаѓаат лудите или магарешки години, кога ништо не им се допаѓа на нивното тело. Постојано имаат незадоволство, се додека не ја согледаат личноста, а не ликот – рече Тодоровиќ.

Марија Ѓорѓијовска која го игра кучето Тоби рече дека целта на претствата е да бидеш таков каков што си, онака како што те создала природата.

Актерската екипа нагласи дека имале одлична соработка со режисерот, учеле, се надополнувале едни со други и уживале во подготовката на претставата.