Куќичка среде Дрина што повеќе од 50 години и пркоси на водата

 

На карпа среде реката Дрина, во близина на Бајина Башта во западна Србија, се наоѓа една од најнеобичните градби во Европа.

фото

Малата дрвена куќичка, изградена во 1969 година, денес е препознатлив симбол на регионот и една од најфотографираните знаменитости на Дрина.

Нејзината приказна започнува една година порано, во летото 1968 година. Група млади пливачи ја користеле карпата како место за одмор по капење во студената и брза Дрина. Прво поставиле неколку дрвени штици за полесно да лежат на карпата, а потоа направиле едноставна преграда која им служела како заштита од сонцето. Таа импровизација ја дала идејата за изградба на вистинска дрвена куќичка.

Главен иницијатор бил тогаш 17-годишниот Милија Мандиќ, кој следното лето, заедно со своите пријатели, започнал со изградбата. Градежниот материјал бил пренесуван со чамци и кајаци, а поголемите дрвени елементи биле пуштани низ реката и извлекувани до карпата. Така настанала куќичката која денес ја знае целиот свет.

Силниот тек на Дрина неколкупати ја уништил градбата. Според локалните податоци, досега биле изградени најмалку шест различни верзии на куќичката, бидејќи поплавите редовно ја оштетувале или целосно ја носеле. Секојпат, локалното население и пријателите на првите градители ја обновувале. Една од најголемите штети беа предизвикани од катастрофалните поплави во 2014 година, по што куќичката повторно беше реконструирана.

До куќата може да се пристигне исклучиво по вода, а денес таа располага со соларен панел кој обезбедува основно снабдување со електрична енергија. Не е наменета за постојано живеење, туку претставува место за одмор и еден од најпрепознатливите симболи на Бајина Башта.

Светската популарност на куќичката значително порасна во август 2012 година, кога фотографијата на унгарската фотографка Ирена Бекер беше избрана за „Фотографија на денот“ од National Geographic. Оттогаш ова необично место редовно се појавува во меѓународни медиуми, туристички магазини и патописни емисии, а  таа стана една од најпознатите туристички разгледници на Србија.