
Борче Марковски, сопственик на битолската компанија „Марковски Компани ДООЕЛ“, која со години склучува договори со РЕК Битола, заедно со еден раководител од ПЕ Рудници при РЕК Битола, добија определување мерка куќен притвор, соопштија од ОЈО вечерва.
Основниот суд во Битола не го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство (ОЈО) за определување ефективен притвор, туку им одреди куќен притвор со цел да се обезбеди нивното присуство во постапката.
Надлежниот јавен обвинител не се согласува со одлуката на судот, особено имајќи ги предвид ризиците од бегство на осомничените, при што едниот располага со значителен имот во друга држава.
Поради тоа, обвинителството најави дека ќе вложи жалба и ќе бара определување на ефективен притвор за осомничените.
„Она што како партија изминативе години говоревме дека СДС местеше тендери со нивната омилена компанија Марковски, излезе на површина. Финансиската полиција по сомнение за местење на тендер, соодветно постапила и уапсен е Борче Марковски, човекот што ја води компанијата Марковски, кој е осомничен за испумпување на околу 100 милиони денари од Буџетот на државата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Инаку, за тоа колку била омилена компанијата Марковски, на СДС и ДУИ, говори фактот што за 2 години, добиле 200 милиони евра од државата“, додаваат од партијата.