Куќа на периферијата или стан во Скопје - што би избрале вие?

Вообичаено, како најголема предност на живеењето во куќа секогаш се споменува поголемиот комфор и секако дворот во кој може да уживате во слободното време. Дистанцирани сте од соседите и имате подобра можност да чувате миленичиња, особено поголеми раси на кучиња. Со уредувањето на дворот секогаш можете да експериментирате и да дозволите тоа да ви стане анти стрес терапија. Ако имате деца, можете слободно да ги пуштите да играат во двор, а пак пензионерите да речеме, секогаш би можеле да најдат некоја занимација. Слободно можете да си викнете гости и да не се грижите толку околу вревата. Освен тоа, куќата секогаш можете да ја уредувате како сакате. Да направите тераса со посакувана големина, да доградите или урнете соба, да подигнете спрат и слично. Во однос на домаќинските работи, слободно можете кога сакате да вклучите правосмукалка, да перете теписи во двор, да ја перете и чистите колата, да правите зимница.

Но, од друга страна, маните на живеењето во куќа е тоа што повлекува многу трошоци. Плацевите и комуналиите се скапи, а и самото градење ќе ве чини многу, од аспект на градежен материјал, план и дозвола, работници и сите тие работи. Доколку пак веќе имате изградено куќа, секако постојат трошоци околу нејзино одржување.

Во станот комфорот е многу помал, немате двор, а освен тоа особено во летниот период од годината, можете да насетите кој сосед што прави за ручек, бидејќи сите готват на тераса. Ако сте од оние кои живеат во постарите згради каде лифтот најчесто на работи, и ако сте на повисок кат, ќе треба секој ден да качувате и симнувате безброј скали. Ѕидовите во зградите баш и немаат звучна изолација, па приморани сте да ги слушате соседите - нивните веселби, караници... Освен тоа, невниманието на соседите, може да предизвика штета и во вашиот стан - во случај не дај Боже да дојде до поплава, пожар и слично.

Но, предност е тоа што за одржувањето на станот има многу помали трошоци и немате обврски да речеме да реновирате фасада, кров, да го уредувате дворот...

Вообичаено станот се препорачува за живот на самци или млади брачни парови, а куќата е попрепорачлива за семејствата.

-Јас живеам во куќа и барем сега за сега, не би се преселила во стан. Имаме доволно голем и убаво уреден двор. Немаме насадено овошки, но имаме украсни дрвја и цвеќиња кои му даваат убав изглед на дворот. Секако, дворот треба да се одржува, постојано да се чисти, да се наводнуваат растенијата, да се средува тревата и слично, но за нас тоа повеќе е релаксација отколку некоја тешка обврска. Просторот во нашиот двор ни дозволил да направиме помал базен, ѕидана скара и бунар (кој дава убав естетски изглед и секако е во функција на чешма), па тие работи само уште повеќе ја надополнуваат сликата. Уште еден летниковец би ставила, ама нема место. Куќата не ја избирам само поради дворот, туку и поради тоа што можеме слободно да го менуваме планот на просторот. На пример, кога дедо ми на времето ја купил куќата во која сега живееме, се уште не била доградена, но имала мали тераси. Татко ми уште тогаш ги продолжил и задната и предната тераса од едниот до другиот крај на куќата. Освен тоа, се уште размислуваме да подигнеме уште еден помал спрат над нашиот, за да добиеме повеќе простор.

-Цел живот сум во стан. И искрено молам бога моите да се решат да си направат куќа. И се надевам дека понатаму во животот кога ќе имам свое семејство, се надевам дека ќе имам куќа. Точно е тоа дека куќа бара многу повеќе одржување од станот. Но пак кога ќе погледнете сето тоа се исплати кога ќе се увиди колку повеќе предности се добиваат со куќа.

-Привлечна ми е замислата да живеам во стан од причина што цел живот живеам во куќа со големи дворови кои бараат прилично доста време за одржавање...Можеби кога ќе станам пензионерка или кога ќе бидам со веќе израснати деца па да имам вишок слободно време да се врткам низ двор или да средувам на втори или трети спрат кои ретко кога се користат но сепак си бара чистење... Сега ми треба само удобно место после напорен работен ден а слободното време да го трошам на други работи а не на чистење по дома затоа што во голема куќа има и голема работа... Инаку и јас порано не можев да се замислам да живеам во стан, и се замислував во куќа со мојата фамилија ама со темпото на живот кое тек ми следи, станот ми изгледа како идеално место за живеење...