Четриножните суштества, а најмногу кучињата, се поискрени и емотивни пријатели од самите луѓе.
Психологот Ана Чучкова со идеја да дознае повеќе за моќта на довербата меѓу едно куче и еден човек му постави неколку прашања на нашиот херој – војникот наредник Борче Костов, припадник на Армијата, во состав на Центарот за одгледување и дресура на кучиња од Командата за обука и доктрини, кој изминатиот период заедно со кучето Кони, неговиот верен пријател, беше на спасувачка акција во Турција по разорниот земјотрес.
Кучињата се добри читатели на човековата душа, ни потврди војникот кој заедно со кучето Кони успеаа да спасат 5-годишно детенце од под урнатините.
Костов, по завршување на средното ветеринарно училиште, во редовите на Армијата се вклучува во 2001 година во состав на тогашната гранична бригада како ветеринарен подофицер и водач на службено куче.
Во Центарот за oдгледување и дресура на службени кучиња стапува на должност од 2006 година, односно повеќе од 17 години работи во оваа единствена ваква армиска единица. Тој поседува диплома за инструктор за обука на службени кучиња за откривање на лица при елементарни непогоди.
Во продолжение интервјуто за Скопјеинфо, во соработка со психологот Чучкова!
Колку време сте заедно со кучето Кони?
Јас со Кучето Кони, која е од расата лабрадор заедно сме повеке од 5 години, односно од самиот почеток кога се има окучено во Центарот за одгледување и дресура.
Психологот Чучкова праша како се гради една врска со кучето и колку време е потребно?
За да се изгради една врска помеѓу дресерот или водачот со службеното куче потребно е време (не може конкретно да се каже бидејќи е различно со секое куче), години на постојана дружба и обука. Врската помеѓу дресерот и кучето се гради од самиот почеток кога кучето ќе ја започне својата обука, односно отприлика после три месечна возраст кога ќе ја заврши целокупната своја имунизација. Низ целиот период на обука која започнува со социјализација (запознавање на кучето со надворешната околина и светот околу него) , па потоа и стручниот дел на обука се гради таа взаемна доверба , соработка и разбирање помеѓу кучето и дресерот.
Емоциите играат голема улога во кризни моменти, смета психологот Чучкова. Како се разбирате и како си давате поддршка еден на друг ?
Откако ќе заврши обуката на кучето и ќе го положи завршниот тест, тогаш тоа куче се смета за спремно за справување во реални ситуации како што беше во РепубликаТурција. Но и покрај добрата обука, сепак реалноста на терен посебно како што беше во Турција е сосема нешто непознато и за мене и за Кони.
Кони, а генерално сите кучиња се добри читатели на човековата душа и состојба. Тие секое вознемирување и страв кај дресерот или водачот го чуствуваат, затоа во такви моменти потребно е што повеќе да бидеме смирени за да не влијаеме на работата и расположението на кучето. Кони ако осети дека сум нерасположен ми приоѓа пробува да ме расположи со тоа што сака да се гали да ме лиже со јазикот по дланките и лицето.
Ситуацијата во Турција беше многу стресна и за двајцата. Како се подготвувавте и дали можеби вие умеете да забележите емоции кај кучето: страв, тага, а можеби и радост и задоволство од успешна работа?
За Република Туркије немавме врем за подготовка со Кони затоа што добивме наредба да подготвеме опрема што ни треба и дека ќе заминеме за максимум 24 часа. Мегутоа наназад периодот што сме го поминале со Кони, цело време сме работеле и вежбале за да бидеме спремни за вакви моменти. За добра и успешна работата кај Кони доста се битни емоциите, затоа што, кога Кони е весела, разиграна тогаш таа врши одлични пребарувања. Да, во некои пребарувања каде што се беа местата многу тешко пристапни знаеше да се појави малку страв-вознемиреност кај Кони, но со моја помош и постојано бодрење тоа се надминуваше веднаш.
Задоволството и радоста се најголеми кога со Кони ќе пронајдеме преживеано лице во урнатините. Тоа се случи кога учествувавме во излекувањето и спасувањето на петгодишното детенце по урнатините. Тогаш е најголема радоста и Кони тоа го чуствува и таа се радува, знае дека придонела во спасувањето на еден живот.
Кој момент од мисијата во Турција најмногу ве трогна, што ви остана врежано?
Слики во сеќавање што ќе ми останат се сите тие расплакани лица, разурнати згради, раздвоени семејства. На почетокот, односно првите 48-72 часа бевме ангажирани и по 12-14 часа на терен, но тоа не беше проблем, најтешко ми паѓаше кога ќе излезевме на терен веднаш штом ќе слушнеа од месното население дека сме стасани со Кони не бараа за да пребаруваме и очекуваа дека ќе им дадеме добри вести, дека нивните блиски се живи, но за жал и покрај сета желба и максималното залагање по завршување на претрагите со тешко чувство на немоќ поради немањето среќни вести не можевме да ги погледнеме во очи и да им кажеме дека нема преживеани.
Тоа се моменти и изрази на лица што никогаш нема да ги заборавам.
Каде сѐ заедно поминувате време со кучето и каде се имате активирано заедно?
Со Кони кога не сме на терен, односно не сме ангажирани времето го поминуваме во касарната Ѓорче Петров – Скопје каде што е сместен и Центарот за Одгледување и Дресура на службени куќиња. Имаме учествувано во многу претраги кои ги работиме во соработка со надлежните институции за ваков вид на активности, односно пребарување на лица кои што се имаат изгубено низ разни урбани и неурбани места, пример Скопје, Мариово, Штип, Скопска Црна Гора,Крушево и др.
Има луѓе кои не ги сакаат животните, па дури и кучињата. Кој вашиот став на оваа тема? Има ли насилство врз оваа категорија на животни кај нас?
Точно, има луѓе што не ги сакаат кучињата од разни причини, можеби од некој аспект можам да ги разберам, но само би им порачал „Не мора да ги сакате, но немојте ни да ги мразите и малтретирате“. Тие се живи суштества кои имаат право на живот соодветен на нивниот вид. Видовме во Турција имаше многу кучиња трагачи кои спасија многу животи, а кучињата се единствен вид на живо суштество кое би го дало животот за својот сопственик. Треба сите да знааат или да се запознаат дека кучињата можат да дадат голем придонес во целокупниот општествен живот (помагаат во придружба на хендикепирани лица, при детекција на некои заболувања, дружба и помош на лица при психотерапија и така натаму).
Што ве прави горди во вашата професија?
Горд сум секогаш кога со Кони или во иднина и со некое друго куче кое ќе ја заврши обуката ќе придонесеме во пронаоѓањето на некое изгубено лице, а со тоа и ќе помогнеме во вакви среќни моменти за семејството. Горд сум што Армија секогаш без задршка е вклучена и на овој начин во помагање на цивилното население дома и во странство, со што доаѓа до израз и улогата која ја има нашиот Центар во претставување на овие четвороножни суштества во најдобро светло и нивната полезност за целото општество кое треба да се однесува кон нив со чувство на респект.
Центарот за обука и дресура на службени кучиња (ЦОДК) е формиран во 1993 година со локација во Еребино. Во 2009 година со помош на донација од САД комплетно беше реновиран, а од 2006 година е во состав на Командата за обука Велес со локација во касарната „Ѓорче Петров“ во Скопје. Центарот располага со повеќе десетици кучиња меѓу кои има раси на германски овчар, белгиски овчар, шарпланински овчар, лабрадор-ретривер и ротвајлер. Дел од овие кучиња земале учество со одредите за специјална намена на многубројни вежби. Обуката во Центарот за одгледување и дресура на кучиња се реализира преку реализација на следните курсеви: Курс за обука на чуварски кучиња; Курс за обука на патролни кучиња; Курсеви за обука на кучиња трагачи: Обука на кучиња за откривање на експлозиви; Обука на кучиња за откривање на мини (делумно обучени, нема полигон за завршно тестирање); Обука на кучиња за откривање на лица при елементарни несреќи (во почетна фаза) и курсеви за обука на Водачи на службени кучиња .