Кучевишка Бара и Бел Камен ќе добијат нова пречистителна станица - Мицкоски со градоначалниците на Бутел и Чучер Сандево денеска на увид

Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски информираше дека денеска во посетата на населеното место Кучевишка Бара бил премиерот Христијан Мицкоски, кадешто заедно со него и градоначалникот на Општина Чучер Сандево, Зоран Бајовски направиле увид во изградбата на пречистетелната станица.

Костовски нагласи дека ова е една од најголемите капитални инвестиции за населените места Кучевишка Бара и Бел Камен, со што се решава децениски проблем.

„Оваа пречистителна станица е во вкупна вредност од 129.717.440 денари која ќе ги прими и третира отпадните води. Овој објект е проектиран за вкупен капацитет од 5.000 жители, и ќе се реализира во две фази — прва фаза за 3.000, а втора фаза за дополнителни 2.000 жители. Пречистените води ќе се испуштаат во колекторот што ќе се изгради до реката Серава“, истакна Костовски и воедно додаде дека во моментот заедно со општина Чучер Сандево работат на доработка на проектната документација за двете населени места за фекална канализација.