
По 1.210 дена поминати во прифатилиштето „Лајка“, Чип конечно го напушти боксот и замина во својот нов дом во Германија.
Кое е кучето кое животот ќе го продолжи во Германија?
Чип во „Лајка“ пристигнал кога имал само седум месеци.
Речиси кученце, таму ги поминал најважните години од својот живот, гледајќи како едно по едно кучињата околу него заминуваат со своите нови семејства. Само Чип останувал. Деновите минувале, посетителите поминувале покрај неговиот бокс, ќе го погалеле и ќе продолжеле понатаму.
За него, сепак, никако да дојде денот кога некој ќе застане и ќе каже дека токму него го бара.
Поминаа 1.210 утра и 1.210 ноќи во прифатилиштето – повеќе од три години чекање.
Но, денес приказната конечно има поинаков крај. Некоj застанал токму пред Чип, го препознал неговиот нежен карактер и решил да му даде дом. Не избрал кученце, туку куче со минато, кое голем дел од животот го поминало зад решетки, но не престанало да чека.
Од „Лајка“ велат дека неговиот бокс веќе останал празен, но дека причината за тоа е една од најубавите – Чип конечно е избран.
„Чип, предолго чекаше да бидеш избран. Но денес конечно си нечиј. Конечно имаш свое семејство. Конечно си дома“, порачаа од прифатилиштето.