Кучешкиот измет сѐ уште останува дел од градските паркови, зеленила, улици, тротоари и дворови пред станбените згради

Кучешкиот измет, за жал, сѐ уште останува дел од градските паркови, зеленила, улици, тротоари и дворови пред станбените згради.

Сопствениците не жалат кога треба да станат рано наутро за да го прошетаат својт миленик, но повеќето од нив се неодговорни кога станува збор за уредното отстранување на изметот од својот миленик од јавните површини.

-Плочниците и тревниците не се место за одлагање измет од твојот миленик. Со вакво неодговорно однесување само го зголемуваш револтот кај оние што мразат животни. Биди одговорен сопственик. Биди општествено одговорен граѓанин. Не е воопшто тешко изметот да се собере во кеса и да се фрли во корпа за ѓубре, апелираат од здруженијата за заштита на животните. 

Законот за јавна чистота за секој што ќе фрли каков било отпадок, во кој спаѓа и изметот на домашните миленичиња, предвидува казна од 50 евра. За жал, инспекциските служби или не се на терен или, пак, замижуваат пред оваа појава.

Дури и сопствениците на опасни кучиња имаат законска обврска да ги чуваат животните во заграден простор или тие треба да бидат врзани.

Законот предвидува казна за неврзани кучиња, која е во висина од 30 евра. Доколку не се грижиме за нашиот миленик не станува збор само за неодговорност туку и за граѓанска некултура. Бездомните кучиња во суштина стануваат бездомни поради неодговорни сопственици. Ако граѓаните се одговорни, нема да има бездомни животни.