Крвава пресметка во Скопје: 25-годишно момче осомничено за обид за убиство

Крвава пресметка се случила на 23 април по полноќ пред угостителски објект на улицата „50 Дивизија“ во Скопје, каде 25-годишник со нож избодел друго лице по кратка расправија.

Основното јавно обвинителство Скопје информира дека е поведена истражна постапка против осомничениот за кривично дело обид за убиство.

„Осомничениот 25-годишник, на 23 април по полноќ, со умисла се обидел да лиши од живот друго лице пред угостителски објект. Кратка вербална расправија прераснала во физичка пресметка, по што осомничениот извадил нож и му задал повеќе убоди во градниот кош, грбот и стомакот, нанесувајќи му убодни рани“, соопштија од Обвинителството.

Повредениот по укажаната лекарска помош е пуштен на домашно лекување.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека осомничениот е лишен од слобода веднаш по пријавата.

„Полициски службеници презедоа соодветни мерки и активности и случајот е во целост расчистен. Напаѓачот е уапсен, а против него е поднесена кривична пријава по итна постапка за кривично дело обид за убиство“, соопштија од МВР.

По предлог на обвинителството, судија на претходна постапка му одреди мерка куќен притвор во траење од 30 дена.