Крв, плач и викотници на „Рекорд“: Симулација на сообраќајна несреќа (фото)

По повод Светскиот ден по Прва помош - 8 Септември Црвен крст на Град Скопје денеска на „Рекорд“ во централното градско подрачје во Скопје беше организира симулациска показна вежба-сообраќајна несреќа.

Вежбата Црвениот крст на Град Скопје ја организира во соработка со МВР - СВР Скопје, и во неа учествуваа сите општински организации од Скопје, стручната служба на Црвен крст на Град Скопје, 30 волонтери од Тимот за одговор при катастрофи како и Мобилни тимови на Црвен крст.

Се симулираше сообраќајна несреќа, во која учествуваа две возила и велосипед и во која шест лица беа повредени. На вежбата се користеа звучци и чад за граѓаните да добијат пореална слика.За време на вежбата се искористи и амбулантно возило на Црвениот крст на град Скопје.

Оваа година темата на Светскиот ден за Првата помош беше: „Прв одговор при сообраќајни несреќи”.

Според податоците на Црвениот крст, секој ден околу 3.500 луѓе ги губат животите, а стотици илјади се повредени и тоа најчесто со трајни последици. Доколку не биде укажана навремена прва помош многу од тешко повредените лица не преживуваат во сообраќајните несреќи.