Кружниот тек во Припор како лавиринт на грешки

Кружниот тек во населбата Припор кој повеќе од две години се гради, според најавите на градоначалникот на  општина Кисела Вода, Филип Темелковски ќе биде завршен во септември.

Овој кружен тек беше започнат од претходната власт за што сегашната се правдаше дека поради нерешено  имотно – правни односи неговата изградба се одолговлекува. Поради долгогодишната изградба граѓаните често се жалат дека секојдневно се гушат во прашина и стравуваат за нивната безбедност. Градоначалникот Темелковски вели дека изминатата недела веќе имале средба со градските власти но сепак одговорноста ја префрли на Град Скопје, и најави дека до почетокот на месец септември ќе треба да се постави првиот слој на асфалтот. 

„Кружниот тек на последна „24-ка“ го гради Град Скопје. За жал, бидејќи беше започнат предизборно без  регулирани имотно правни работи сега затоа е стопиран и се одолговлекува. Минатата недела имавме состанок и со Град Скопје и со изведувачите кои убедуваа дека треба да биде завршен до крајот на септември. До почетокот на септември ќе се асфалтира првиот слој, за до негде да се нормализира движењето, а целосно ќе биде завршен до крајот на септември“, вели Филип Темелковски – градоначалник на општина Кисела Водa

Од Град Скопје  информираат дека имотно – правните односи кои што го кочеле целиот процес на изградба веќе се решени и дека очекуваат до крајот на месец септември да заврши изградбата на кружниот тек.

„Градежните работи на овој проект се започнати пред повеќе од 2 години, а проблемите настанале затоашто истите започнале без да се комплетира регулирањето на имотно-правните односи, поточно не биле докупени сите парцели кои се на траса на новата сообраќајница. Град Скопје веќе ги реши сите случаи, луѓето се исплатени и надминати се техничките проблеми, кои исто така не биле предвидени со „Водовод и канализација“ и со ЕВН. - велат од Град Скопје“, велат од Град Скопје

Граѓаните својот револт неколку пати го  изнесоа пред кружниот тек барајќи од градоначалниците Петре Шилегов и Филип Темелковски да не си ги префрлаат надлежностите туку да најдат конкретно решение како и исполнување на предизборните ветувања.