Кружната Универзална почна да се обновува - Костиќ Марковиќ со посебна носталгија се сеќава на сцената

 

Пред неколку дена започнаа градежните работи на Универзалната сала.

Култното место за скопјани низ децениите ќе блесне во нов сјај, но за тоа ќе мора да се почека. Како што најавуваат надлежните целосната реконструкција се очекува да биде завршена до 2026 година кога се очекува салата да ги прими своите први посетители.

 Во текот е првата фаза, односно реконструкција на кровот и на фасадата, а потоа продолжува техничката фаза и ентериер.  

Универзална е уметнички музеј, дел од македонската музичка концертна историја. Таму се спомените и почетоците на многу уметници, но и на конзументите на уметноста. Не е мал бројот на оние за кои Универзална е нешто свето! 

Бранка Костиќ Марковиќ во интервјуто за Скопје Инфо вели дека се надева што поскоро да дојде моментот Универзална да ни ги врати насмевките на лицата! 

- Универзална сала... На сите нас ни недостасува Универзална сала, зашто нѐ врзуваат многу убави спомени со неа. Јас, како и сите деца кои стапнале на таа сцена, (а тоа се неколку илјади), чувствуваме посебна носталгија кон неа. Па најубавите фестивали, манифестации и концерти се случуваа таму. Салата беше кружна, а таквата поставка му даваше посебен шарм и топлина на амбиентот. Искрено се надевам дека овој објект конечно ќе светне во ново руво и ќе ни ги врати насмевките на лицата. Нема да е нескромно ако кажам дека таа треба во иднина да го носи името на маестро Александар Џамбазов, вели таа во интервјуто во кое разговаравме на голем број теми од областа на уметноста и културата.