Крокодил избега од живеалиштето во Зоолошката во Скопје

Крокодил од Зоолошката градина во Скопје синоќа избегал од своето живеалиште, направил кратка прошетка и влегол во езерото со патките, потврдија од Зоолошката градина.

За среќа, не настанал поголем инцидент, бидејќи утринава крокодилот бил најден во езерото и бил повторно дислоциран во своето живеалиште, објави Призма.

Според директорот на Зоолошката, Ѓорги Галетановски, настанот што се случил изутринава не бил единствен, тие и претходно имале дојави дека крокодилот излегува од своето живеалиште и дека треба да се смени ниската ограда.

-Крокодилите се млади и во добра кондиција, бидејќи сега влегуваат во пубертет. Тргнал ноќе да истражува. Констатиравме дека оградата треба да се смени, но решивме тоа да го направиме на пролет, бидејќи за кратко ќе заврши сезоната и ќе бидат на затворено. За среќа тој не изел ниту една патка, а зоолошката сè уште беше затворена, вели Галетановски за БИРН.

Очевидци пак тврдат дека операцијата за враќање на крокодилот Гањо се одвивала додека Зоолошката била отворена и имало посетители.