Крлежите се пролетна опасност, внимавајте ако одите во природа

Променливото и влажно време со себе ќе ги донесе и немилите крлежи. Тие покрај тоа што се опасни за животните, исто така се опасни и за луѓето.

Доколку планирате во блиска иднина да одите во природа, би требало да избегнувате влажни местa каде што тревата е висока и има доста грмушки.

Токму на таквите место најчесто можат да се најдат крлежи, паразити што живеат на кожата на дивите и некои домашни животни. Кога животното поминува низ тревата, крлежот се закачува на негo и тука го чека новиот домаќин. Најчесто тоа се невнимателните излетници.

Најголем проблем е што убодот на крлежот не боли и не пече па дури при туширање или преслекување се забележува на кожата. Затоа е важно, кога ќе се вратите од излет или престој во природа, добро да се прегледате себеси и децата, но и облеката што сте ја носеле.

Посебно внимание посветете им на местата каде што кожата е најтенка и најнежна - зад увото, на вратот, под пазувите, на стомакот, препоните, од задната страна на колената и на темето, бидејќи крлежот умее да се завлече во косата.

Крлежите во моментот на убодот излачуваат некој вид анестетик па затоа не го чувствуваме убодот, велат лекарите. Паразитот на местото на убодот испушта бактерии и вируси, кои евентуално се наоѓаат во неговите црева и во плунковните жлезди.

Крлежите пренесуваат крлежен менингоенцефалитис, познат како менингоенцефалитис на раното лето, и борелиоза или лајмска болест. За среќа, не се сите крлежи заразени, туку само околу 30 отсто од нив.

Во нашите краишта многу ретко се јавува менингоенцефалитис што го пренесуваат крлежите. Првите симптоми на оваа болест се зголемена температура, вкочанет врат и главоболка. Кај потешките облици, воспалението го зафаќа целиот мозок, а последици се зашеметеност, пречки при говорот и голтањето, одземеност на поедини делови на телото.

Многу почесто се појавува борелиоза или лајмска болест. По убодот на заразениот крлеж, првите симптоми може да се јават во рок од еден месец.

На местото на убодот се појавува мозолче и прстенесто црвенило што се шири. Истовремено може да се појави зголемена температура, главоболка, замор, исцрпеност, болки во мускулите и зглобовите.

Во тој случај треба задолжително да се јавите кај лекар. Ако не се почне со лекување, за шест до осум недели може да дојде до воспаление на мозочната мембрана или нервите, срцевиот мускул и другите органи.

Ако ниту тогаш не се почне со лекување, може да дојде до трајно оштетување на здравјето.