
Министерство за внатрешни работи соопшти дека е поднесена кривична пријава за две жени кои во август годинава упатувале закани кон вработени во Меѓуопштински центар за социјални работи Тетово.
- СВР Тетово поднесе кривична пријава против М.Н.(63) и С.Н.(32), двете од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста”. На 12.08.2026 во службени канцеларии на Јавната установа Меѓуопштински центар за социјални работи Тетово, пријавените упатувале закани кон вработени лица, соопшти МВР.
Двете се мајка и ќерка. Според информациите од СВР Тетово, на 12.08.2026 во 11:45 часот, полициски службеници од СВР Тетово ги лишиле од слобода М.Н.(63) и С.Н.(32), двете од Тетово. Според пријавеното, С.Н. била повикана во Центарот за социјални работи Тетово во врска со претходно пријавено семејно насилство и во 11.15 часот отишла заедно со нејзината мајка М.Н. и веднаш започнале агресивно да се однесуваат кон две вработени, им се заканувале и се обиделе физички да ги нападнат.