Кривични пријави за газдите кои не исплатиле корона - плати

На фирмите кои ја затаија државната помош дадена како поддршка поради корона – кризата Владата им дава шанса до денеска да им ги исплатат парите на своите вработени.

Тоа досега го направиле 160 работодавачи од вкупно 570 колку што броеше првичниот список на неплаќачи. Ним државата ќе им прогледа низ прсти.

Од Генералниот секретаријат на Владата велат дека во понеделник ќе ја достават листата до Основното јавно обвинителство за фирмите кои според ажурираниот список на Управата за јавни приходи до утре нема да исплатат плата на вработените, а на кои им била исплатена финансиска помош.

360 степени“ ја праша Владата зошто иако се завршени сите рокови за исплата и беше најавувано дека од фирмите ќе се бара одговорност, на газдите сега им се остава простор да ја исправат грешката.

„Владата стои позади политиката опомена па казна. Нашата цел е сите граѓани да ја добијат помошта од државата што им следува. Ако сепак некои фирми и покрај јавниот притисок и опомените не извршат уплата и со последниот зададен рок, ќе одговараат пред законот“, одговорија од Владата.

Последниот ажуриран список од УЈП брои 413 фирми кои заклучно со 4 август не ги исплатиле платите на вработените.

„Листата на фирми кои не исплатиле плата на своите вработени секојдневно се ажурира и истата се доставува до Генералниот секретаријат на Владата. Заклучно со плаќањата до 04.08.2020 година, за април не исплатиле плати 172 фирми, а за мај 241 фирма на кои им била исплатена финансиска помош, а не исплатиле плата на вработените“, наведуваат од УЈП.