Кривични пријави против три лица што нападнаа полицајци во Шуто Оризари

Обвинителството поведе постапка за сторено кривично дело напад на службено лице при вршење на службата од член 383, став 2, во врска со став 1 од Кривичниот законик против три лица кои на 15 септември во населбата Шуто Оризари при одржување панаѓур извршиле напад над припадници на полицијата.

Настанот се случил кога полицајците, кои вршејќи си ја службата, поради зголемена фреквенција на возила, повикале пајак-служба. При подигање едно од непрописно паркираните возила, сопственикот на возилото се упатил кон полицајците и почнал вербална расправија. Потоа влегол во возилото и го придвижил нанапред удирајќи во полицајците. Кога и вторпат со возилото удрил во полицајците, осомничениот бил изваден од возилото од страна на полициските сили. Во нападот што бил извршен се вклучиле уште две лица, во блиски роднински врски со возачот на автомобилот. При обидот на полицијата да го спречи нападот, на местото се собрале 30-40 лица и почнале вербален, но и физички напад кон полициските структури. Во инцидентот беа повредени неколку лица, меѓу кои шестмина полициски службеници.

Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежен јавен обвинител за трите лица против кои е поведена постапка предложи определување мерка притвор. По ваквиот предлог, се произнесе надлежен суд, кој на тројцата им определи мерки на обезбедување.