Кривични пријави против 5 вработени во МФ и едно правно лице поради издадена лиценца за игри на среќа

Министерството за внатрешни работни поднесе 5 кривични пријави против лица вработни во министерството за финансии и едно правно лице поради злоупотреба на службената положба и овластување како и употреба на исправа со невистинита содржина.

Кривичната пријава е поднесена против Д.Ј.(37) од Кавадарци, управител на правно лице и против Н.М.П.(40), О.С.С.(49), О.Н.(54), сите од Скопје, вработени во Министерството за финансии, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ и против Л.Т.(63) и М.С.(45), двете од Скопје, вработени во Министерство за финансии

Од МВР велат дека во периодот од 13.07.2022 до 06.08.2024, пријавениот Д.Ј., на управител на правното лице, изготвил лажна исправа - Банкарска гаранција, наводно издадена од една банка. После тоа, банкарската гаранција ја приложил како вистинска во Министерството за финансии, во врска со добиената лиценца за приредување на игри на среќа, во која е предвидено дека приредувачот на игри на среќа за обезбедување на исплатата на добивките на учесниците во игрите на среќа, плаќање на јавните давачки утврдени со закон, како и за надоместоците и посебните давачки е должен да депонира депозит или да обезбеди банкарска гаранција и во рок од 15 дена од приемот на лиценцата, во истиот рок да го достави доказот за депонираниот депозит или банкарската гаранција до Министерството за финансии.

„Пријавената Н.М.П., во својство на советник за системот на осигурување, и покрај тоа што знаела дека барањето не е доставена во законски предвидениот рок, без да ја архивира со приемен печат и без да изврши контрола на соодветноста на банкарската гаранција, ја депонирала во предметот како вистинска. О.С.С., раководител на Одделение за игри на среќа и за забавните игри, без да ја провери соодветноста на доставената банкарска гаранција ја проследила без приемен печат до Л.Т., која во својство на раководител на Сектор за финансиски систем во Сектор за финансиски систем и потоа М.С. во својство на Државен советник за прашања од финансискиот систем, со пропуштање на должен надзор, го одобриле проследувањето на лажната банкарска гаранција до О.Н., државен советник за јавна внатрешна финансиска контрола, која била должна да изврши проверка на предметите кои се доставуваат во Сектор кабинет за потпис од Министерот за финансии, Заменик министерот за финансии и Државниот секретар, а кои се во надлежност на Секторот за финансиски систем, во делот на издавање на лиценците за приредување на игрите на среќа во обложувалница, автомат клуб, казино и томбола од затворен тип“, се вели во соопштението на МВР.

Од таму посочуваат дека овие лица со нивните постапки предизвикале штета на државниот буџет во износ од 32.000 евра и му овозможиле на правниот субјект да ја користи добиената лиценца и да се стекне со противправна имотна корист од 13.489.952 денари.