Кривична за тројца полицајци, Турчин поминал илегално граница - наместо прекршочна пријава тие го задржале во прифатен центар за странци

МВР поднесе кривична пријава против тројца свои припадници Г.М., Ќ.Р. и Г.П поради сторено кривично дело ,,злоупотреба на службената положба и овластување“. Имено тие на турски државјанин кој илегално преминал граница му ги повредиле правата на начин што противправно и неовластено му го ограничиле движењето и го задржале во Прифатниот центар за странци Гази Баба.

„Пријавените полициски службеници како службени лица со искористување на својата службена положба и овластување, со пречекорување на границите на своето службено овластување и со неизвршување на својата службена должност, во периодот од 12.09.2024 до 31.10.2024 на турскиот државјанин А.Д. му нанеле штета и потешко му ги повредиле правата на начин што противправно и неовластено му го ограничиле движењето и го задржале во Прифатниот центар за странци Гази Баба.

Турскиот државјанин А.Д. на 08.09.2024 незаконски остварил влез во РСМ, поради што на 12.09.2024 заедно со други мигранти од Ирак бил задржан во прифатен центар за странци Гази Баба. Откако лицата дале исказ пред обвинител, другите мигранти биле однесени во Транзитен центар Табановце, а турскиот државјанин бил вратен во Прифатниот центар со образложение дека треба да се спроведе прекршочна постапка заради остварен илегален влез, иако ваква прекршочна постапка не била ниту отпочната.

Пријавените полициски службеници ненавремено презеле дејствија за проверки преку Секторот за меѓународна полициска соработка, презеле дејствија за утврдување на идентитет и покрај тоа што идентитетот на странецот бил утврден врз основа на национална лична карта и презеле други непотребни процесни дејствија спротивно на Законот за странци и Законот за прекршоци, со што на турскиот државјанин му ја ограничиле слободата на движење и противправно го задржале во Прифатниот центар за странци, соопшти МВР“, велат од МВР.

Од министерството дополнително известуваат дека против полициските службеници Одделот ќе поднесе предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе изрече задолжителна мерка за отстранување од работно место - суспензија до завршување на дисциплинската постапка.