Кривична за помошник министер во Центарот за обука на МВР поради несовесно работење

Министерството за внатрешени работи до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против С.Т. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,несовесно работење во службата“.

„Пријавената С.Т. – на работното место помошник на министерот во Центарот за обука на МВР, во периодот од септември до октомври 2023 година, постапила несовесно во вршење на своите должности и овластувања, на тој начин што на лица со кои министерството имало склучено договор за основна обука за полицаец (генерација 2023/2024) им овозможила да продолжат со основната обука и покрај тоа што им бил откажан договорот за основна обука поради тоа што не ги освоиле потребните бодови за продолжување на обуката во друг модул. Пријавената самоволно и незаконски им овозможила да ја продолжат обуката на начин што им биле прифатени поднесените приговори, им било извршено ретестирање спротивно на подзаконските прописи што ја регулираат предметната материја и им овозможила да засноваат работен однос во министерството и покрај тоа што во договорот била предвидена одреба согласно која во случај на спор постапувањето е во надлежност на судот“, се вели во соопштението на МВР.

Од министерството додаваат дека пријавената им овозможила на кандидатите за полицаец понатамошно право на обука, престој и исхрана во Центарот за обука во МВР и на тој начин таа го оштетила буџетот на МВР во вкупен износ од 189.777 денари. Дополнително одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди има изречено задолжителни мерки да се преиспита основаноста на склучените договори за работа.