Кривична за полицаец на “Блаце“, примил поткуп и пропуштил лице да излезе од државата со преправен пасош

Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против полицаецот С.Ф. поради постоење на соменение дека примил поткуп и пропуштил лице да ја помине државната граница со преправен пасош.

„На 15.12.2024 на Граничниот премин Долно Блаце, пријавениот С.Ф., полициски службеник во Полициската станица за граничен премин Долно Блаце, побарал и примил пари за да изврши службено дејствие кое не смеел да го изврши. Имено, при контрола на лица кои ја преминувале државната граница кон Косово, за парична награда, пропуштил лице да ја премине државната граница со видно оштетена и преправена патна исправа, со скината предна корица, а пластифицираната страница со биометриски податоци била одвоена од патната исправа, а потоа залепена помеѓу страниците. Исто така, пријавениот не го завел лицето во граничните евиденции како лице кое преминало државна граница и не проверил дали минува во евиденциите за проверки“, информираат од МВР.

Од полицијата велат дека поднесен е предлог за поведување на постапка за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност против полицискиот службеник и ќе се изрече задолжителна мерка за отстранување од работното место до завршување на дисциплинската постапка.