Финансиската полиција поднесе кривична пријава против К. Х. во својство на сопственик и управител на Друштво за производство на конфекција, текстил и трикотажа ХЕЛЕНА ДООЕЛ увоз-извоз Василево Струмица поради затајување.
„Тој во период од 1 јануари 2019 година до 25 декември 2024 година свесно и со однапред утврдена намера со цел да се стекне со противправна имотна корист акумулираната добивка во износ од 25.174.878 денари (која се намалува за износот на основната главнина која изнесува 6.821.668 денари, на која се додава износ од 2.588.356 денари Добивка за фискална година, при што останува добивка за оданочување во износ од 20.941.566 денари основица за Данок на добивка), евидентирана во пасивата на Билансот на состојба неосновано ја присвоил за себе, меѓу другото не извршил отпис на застарени Побарувања од купувачи во износ од 13.973.029 денари и произведените текстилни производи евидентирани на залиха во вредност од 9.959.394 денари, неосновано ги присвоил и не ги евидентирал во сметководствената евиденција како кусок“, се вели во соопштението.
Од Финансиската полиција посочуваат дека не се изготвени завршни сметки од 2019 година до денес при што не било уплаќано данок на добивка.
„Со намера да ги прикрие инкриминираните активности, додаваат оттаму, не изготвил и не поднел Завршни сметки од 2019 година до денес до Управата за Јавни приходи и до Централниот Регистар на Република Македонија, при што пријавениот К.Х. не пресметал и не уплатил Данок на Добивка во износ од 2.094.156 денари по основ на присвоена акумулирана добивка, а за неотпишаните застарени Побарувања од купувачи не пресметал и не уплатил Данок на добивка во износ од 1.397.303 денари исто така, за не прикажаниот кусок не пресметал, не пријавил и не уплатил Данок на Додадена вредност по даночна стапка од 18% во износ од 1.792.691 денари и Данок на Добивка по даночна стапка од 10% во износ од 872.079 денари или вкупно 6.156.229 денари, за кој износ го оштетил Буџетот на Република Македонија“, се додава во соопштението на Финансиската полиција.