Кривична против двајца скопјани и еден Грк поради трговија и криумчарење на мигранти

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против лицата двајца скопјани, едниот на возраст од 28-години со иницијали А.А. и вториот на возраст од 41 година со иницијали Љ.Ш., како и против НН лице од Грција поради постоење основи за сомнение дека сториле кривични дела „организирање на група и потикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ и „криумчарење на мигранти“, согласно КЗ на Република Македонија, соопштија од МВР.

„Пријавените, заедно со лицата А.Н. и Л.С., кои претходно беа опфатени со кривична пријава, заради стекнување на противправна имотна корист, организирале криминална група, со цел вршење на кривични дела криумчарење на групи илегални мигранти од територијата на Грција на територија на Република Македонија. По ова, илегалните мигранти биле прифаќани од страна на членовите на криминалната група предводена од пријавените, ги превезувале кон Кумановско- липковскиот регион, каде времено се засолнувале, а потоа илегалните мигранти се криумчареле кон Србија“, соопштуваат од МВР.

Од страна на Судија на претходна постапка на А.А. и Љ.Ш им е одредена и мерка притвор во траење од по 30 дена.