Министерството за внатрешни работи соопшти дека е поднесена кривична пријава против тројца припадници на полицијата К.Б., Г.Л. и А.Т. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување во врска со пожарот во дискотеката „Пулс“.
„Првопријавениот К.Б., во време на извршување на кривичното дело на работно место помлад инспектор-водич на безбедносен реон во Полициската станица Кочани на 07.10.2023 и второпријавениот Г.Л., во време на извршување на кривичното дело на работно место инспектор за прифат-сменоводител во Полициската станица Кочани на 25.11.2023, по спроведена акциска контрола во кабаре „Пулс“ Кочани за констатиран прекршок по член 21 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, изготвиле записник за сторен прекршок и прекршочен платен налог на неактивно правно лице ДПТУ Класик ДМ ДОО Кочани и на одговорно лице Д.Ј., иако знаеле дека на 15.02.2023 во Централниот регистар правното лице е регистрирано како Друштво за производство, трговија, услуги и угостителство ДПТУУ ММММ Кафе ДООЕЛ Кочани, подружница кабаре „Пулс“ со одговорно лице М.С., со што овозможиле имотна корист за правното лице ДПТУУ ММММ Кафе ДООЕЛ Кочани и одговорното лице Митко Стојанов“, велат од МВР.
Третата кривична пријава е против командирот на полициската станица во Кочани кој со неговиот потпис одобрил и потпишал прекршочна постапка за неактивен правен субјект наместо за посочената дискотека.
„Третопријавениот А.Т., во време на извршување на кривичното дело на работно место командир на Полициската станица Кочани, во два наврати на 01.02.2024 и на 07.02.2024 одобрил и потпишал барање за поведување прекршочна постапка за констатиран прекршок по член 21 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир против неактивен правен субјект ДПТУ Класик ДМ ДООЕЛ Кочани и одговорно лице Д.Ј. и ги доставил до Основен суд Кочани – Одделение за прекршоци, претходно констатирани од првопријавениот на 07.10.2023 и од второпријавениот на 25.11.2023, иако знаел дека на 15.02.2023 во Централниот регистар правното лице е регистрирано како Друштво за производство, трговија, услуги и угостителство ДПТУУ ММММ Кафе ДООЕЛ Кочани - подружница кабаре „Пулс“ со одговорно лице М.С“, посочуваат од МВР.