Кривична пријава за лихвар од Липковско, за заем од 1.500 евра барал 90.000 евра

 

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Б.С.(52) од село Опае, општина Липково, осомничен за сторено кривично дело „лихварство“.

Во текот на 2014 година, пријавениот на Х.И. од село Опае му дал 1.500 евра и искористувајќи ја неговата материјална состојба го условил со месечна камата од 500 евра, а главниот долг да остане ист.

– Откако Х.И. не успеал да ги врати главниот долг и каматата, пријавениот во неколку наврати го зголемувал главниот долг, кој во 2015 година достигнал 20.000 евра. На барање и со закани од Б.С., Х.И. во јануари 2016 година со нотарски договор, кој требало да важи до враќање на парите, му ја препишал куќата во село Опае на Б.С., појаснуваат во денешното соопштение од МВР.

Додека Х.И. бил да работи во странство за да ја обезбеди бараната сума, Б.С., се наведува во соопштението, ја принудил сопругата на Х.И. со семејството да ја напуштат куќата. Откако се вратил во октомври 2020 година, Х.И. преку посредник стапил во контакт со пријавениот, кој тогаш побарал од него до март 2021 година да му даде 90.000 евра за да му ја врати куќата.

По изминување на последниот рок, Х.И. го пријавил случајот во СВР Куманово.

Како што соопшти портпаролот на МВР, Сузана Прањиќ Талевска, Б.С. моментално е на издржување казна затвор за друго кривично дело.