Кривична пријава против вработена во МВР и уште пет лица за фалсификувани возачки дозволи

Вработена во Министерството за внатрешни работи и уште пет лица се соочуваат со кривични пријави поради сомнежи за фалсификување возачки дозволи и незаконско додавање категории во службениот електронски систем.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до Основното јавно обвинителство Скопје поднел кривична пријава против шест лица.

Пријавената Т.С., вработена во МВР како „помлад советник за патни исправи“ во Одделението за управни работи Скопје при Одделот за граѓански работи, се сомничи за четири кривични дела „фалсификување исправа“ од член 378 од Кривичниот законик.

Според МВР, во периодот од почетокот на 2025 година до 24 август 2026 година, користејќи ја својата шифра, таа во електронскиот систем незаконски менувала податоци во постапките за издавање возачки дозволи на четири лица. На нивните барања биле додавани категории за кои не ги исполнувале законските услови, по што барањата биле одобрувани и биле издавани возачки дозволи.

„Првопријавената Т.С., во постапките за издавање на возачки дозволи, искористувајќи ја својата шифра, во електронскиот систем незаконски извршила промена, односно додавање на возачки категории за кои наведените лица не ги исполнувале законски пропишаните услови за нивно стекнување“, соопшти МВР.

Кривична пријава е поднесена и против Б.А., кој според пријавата, во договор и со содејство со Т.С. посредувал во постапките за фалсификување возачки дозволи за две лица, иако знаел дека тие не ги исполнуваат законските услови за соодветните категории.

Останатите четири лица – С.Н., Ј.А., М.А. и Ф.А. – се пријавени за шест кривични дела „фалсификување исправа“ во соизвршителство и едно кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“.

Според сомнежите на МВР, тие знаеле дека не ги исполнуваат условите за одредени категории, но сепак поднеле барања за издавање возачки дозволи, кои потоа биле изменети со незаконско додавање категории.

Едно од пријавените лица, дополнително, ја искористило возачката дозвола со незаконски додадена категорија „А“ и со мотоцикл ја преминало државната граница, иако, според пријавата, знаело дека исправата содржи невистинити податоци.

Против вработената во МВР ќе биде поднесен и предлог за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност.

Одделот за внатрешна контрола претходно веќе изрекол задолжителна мерка – отстранување, односно суспензија од работното место, до завршување на дисциплинската постапка.