Критична состојбата на заразениот со западнонилска треска

Се уште на апарати за дишење и во критична состојба е 66 годишниот скопјанец заразен со западно нилска треска. Од Инфективната клиника велат дека лекувањето ќе биде долго и неизвесно бидејќи вирусот го зафатил централниот нервен систем. Дополнителен ризик предизвикале и хроничните болести кои ги имал пациентот.

-Пациентот има и дијабетес и притисок и тоа допридонесува уште повеќе за тежината на болеста. Се пружа макисмална нега, изјави д-р Милена Стевановиќ, директор на Клиниката за инфективни болести, за Сител. 

Освен скопјанецот на Инфективна годинава немале други пациенти со западно нилска треска. Косовскиот државјанин по дијагностицирањето на болеста веднаш бил пратен на лекување во неговата земја.

-Овој вирус кај најголем дел од населението не дава знаци на болеста. Кај одреден број дава знаци на настинка со висока температура, болки во мускулите и згбобовите, некогаш предизвикува дијареа и повраќање. А исклучително ретко дава тешка клиничка слика со зафаќање на мозокот и предизвикување на енцефалит и менингоенцефалит, додаде д-р Стевановиќ.

Западно нилската треска се пренесува преку комарци. Најдобра превенција според лекарите е населението соодветно да се заштити од овие инсектите.

Во земјава во 2012 имаше и некоколку смртни случаи од овој вирус.