Кревети, шпорети, кофи, градежен шут - секојдневна слика од водите на Вардар

Ако некогаш реката Вардар во летните месеци беше место за разладување, капење и ужвање, денеска истата е симбол на нечистотија. 

Ако добро се загледате во водите на реката, со сигурност ќе најдете цели домаќинства. Кревети, шпорети, фрижидери, кади, пластични кофи и шишиња, еден куп градежен отпад... 

Низ коритото плови повеќе отпад отколку вода. Единствен знак на живот покрај водата, која личи на депониски исцедок, е по некое бездомно куче што пребарува остатоци од храна низ ѓубрето.

Реките во Македонија се отворени канализации и отворени депонии. Водата на Вардар станува сè позагадена со секој нов километар што ќе го протече. Како да биде поинаку, кога ја полнат реки како Треска, во која рибарите газат низ депонија за да дојдат до водата близу мостот меѓу Сарај и Грчец кај Скопје. Или како Лепенец, река за која без оглед колку акции за чистење на коритото ќе се организираат, таа повторно ќе влече отпад со себе. Или, пак, како Маркова Река, која во последните километри пред сливот повеќе личи на течна кал отколку на вода, а кај Лисиче во неа има истурено толку многу ѓубре што тоа веќе го стеснило коритото и направило брани и каскади.

Општиот заклучок на експертите е дека реките се чисти само на своите почетоци, во првите километри, а потоа стануваат сè позагадени. 

Кој е одговорен за тоа? Несовесните граѓани, е вообичаениот одговор. Кој, пак, треба да ги спречи нив? Локалната самоуправа. Чистотата на реките зависи од волјата на сите општини низ кои тие поминуваат. Но реката Вардар, на пример, поминува низ дваесетина општини, а нејзиниот слив зафаќа седумдесетина. Ѓубрето фрлено во Желино, ако не се заглави меѓу арките на стариот Камен мост, за кратко време ќе пристигне во Скопје, а потоа ќе оди сè до Гевгелија и ќе излезе во Грција. Многу ретко се слуша за меѓуопштински иницијативи за одржување на хигиената во реките, а според тоа што може да се види на теренот, ништо не е спроведено.