Кревети нема, лекарите се на крајот на силите

Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски и Општинскиот кризен штаб од Главниот кризен штаб бараат заострување на мерките и воведување дополнителни рестриктивни мерки за заштита од пандемијата со Ковид-19, кои ќе се однесуваат на целата територија на општината заради крајно влошената и загрижувачка ситуација. Гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари, пак, има дилема околу воведувањето карантин, бидејќи цени дека тоа би имало тешки последици врз локалната економија на Гостивар, но, како лекар, смета дека воведувањето ваква рестриктивна мерка е неопходна.

– Она што е особено загрижувачки и алармантно е дека во последните дваесетина дена драстично и рапидно се зголемува бројот на новозаразени, хоспитализирани и, за жал, починати лица. Со цел да ја превенираме и запреме ваквата застрашувачка тенденција на ширење на заразата, Општинскиот кризен штаб од Главниот кризен штаб бара заострување на мерките и воведување дополнителни рестриктивни мерки, кои ќе се однесуваат на целата територија на Општина Прилеп, рече вчера Јованоски.