Кремот на естетската медицина на третиот меѓународен Симпозиум по естетска медицина во Скопје во организација на ЗЕМ

Утре, 27 мај 2023, во Скопје ќе се одржи третиот Симпозиум по естетска медицина со меѓународно учество, на кој со свои трудови ќе настапат авторитетни имиња од областа кои доаѓаат од пет земји во регионот и од Шпанија.

Пред над 100 пластични хирурзи, стоматолози, орални хирурзи и дерматолози ќе бидат презентирани најновите светски трендови во естетската медицина и нивната примена во земјава и во регионот.

Симпозиумот е во организација на Здружението за естетска медицина (ЗЕМ), чија мисија е да се подигнат и негуваат стандардите во оваа важна медицинска гранка преку стручно усовршување и континуирана едукација, да се поттикне научно-истражувачката работа во областа и да се интензивира соработката меѓу професионалците во областа во земјава и во странство, а сѐ со цел на пациентите да им се направат достапни најновите современи техники во естетската медицина.

Посебен фокус на Здружението е дефинирање и строго почитување на професионалните норми и протоколи во оваа брзорастечка и популарна гранка на медицината.

Симпозиумот, кој ќе се одржи во хотел Лимак со почеток во 9.30 часот, ќе го отворат претседателот и секретарот на Здружението – д-р Игор Пеев и д-р Анџелика Илиева, по што свое обраќање ќе има Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити.

Програмата за Симпозиумот може да ја погледнете на следниов линк