Кремаста чизкејк торта со малини и боровинки

За да имате повеќе време да уживате со вашите најблиски, ви предлагаме еден супер брз и лесен рецепт за кремаста чизкејк торта која сите ќе ја обожаваат.

Нема човек кој не го сака познатиот вкус на чизкејк тортата. Таа е освежителна и кремаста, па совршено ќе го надополни обилниот ручек или вечера. И што е најважно, не се пече и се припрема за многу брзо време, па и ако ви дојдат ненајавени гости ќе можете да ги изненадите со богат десерт.

Состојки:

  • 200 грама чоколадни бисквити
  • 450 грама шеќер во прав
  • 6 лажици несолен, растопен путер
  • 250 грама маскарпоне сирење или крем сирење
  • 500 грама слатка павлака
  • рендана кора од портокал
  • екстракт од ванила
  • замрзнати боровинки и малини по желба

Подготовка:

  1. Најпрво со помош на кујнски сечко или машина за мелење, измелете ги бисквитите до ситен прав.
  2. Иситнетите бисквити измешајте ги со 1 лажица шеќер во прав.
  3. Во бисквитите додадете го растопениот путер и се убаво измешајте. Треба да добиете смеса која, кога ќе ја притиснете меѓу прстите нема да се троши и да се распаѓа.
  4. Вака добиената смеса ставете ја во калап на кој му се отстранува дното, па добро притиснете ја и измазнете ја со помош на лажица.
  5. Калапот ставете го во замрзнувач околу 10 минути.
  6. Во еден подлабок сад, турете ги крем сирењето, шеќерот во прав, слатката павлака, кората од портокал и екстрактот од ванила. Матете ги додека добиете густа и хомогена смеса.
  7. Нанесете ја смесата врз тестото од бисквити и со помош на нож убаво измазнете ја.
  8. Тортата оставете ја во фрижидер околу 3 часа. Откако добро ќе се стегни, отстранете го калапот. Украсете ја по желба со замрзнати боровинки или малини.