Кратово: Дестинација која ќе ве врати во минатото и каде вкусно ќе јадете за малку пари

Нашaта предлог дестинација за овој викенд е Кратово - мал живописен град во Северо-Источниот дел на Македонија, познат како град жив музеј.

Свежата клима е аргумент плус еден летен ден да минете во разгледување на она што го нуди градот со богата историја.

Старата архитектура, културно-историските знаменитости, гостопримството и посебната кратовска кујна се магнет за туристите. 

Во центарот на Кратово ќе имате прилика да ги погледнете кулите и мостовите со автентична градба кои ќе ве вратат во средновековниот период на минатото.

Задолжително посетете го музејот кој е сместен во центарот на градот во стара турска куќа заштитена со закон, под која веднаш се наоѓа стариот турски затвор. Во него изложбата е составена од неколку збирки: археолошка, историска и етнолошка, секоја со мала поставка, а постои и одделение за конзервација на наодите.

Вкусните традиционални специјалитети во кратовските угостителки објекти се нудат по навистина пристапни цени. Иако не е сезона, локалните готвачи нудат пастрамајлија приготвена во фурна, мантии со лукче, компир со шарена сол...Во градот има и урбани локали од типот на кафе-барови и пицерии. 

Друга опција е да заминете кон локалитетот Камени кукли каде има етно ресторан во природа.

Камените кукли во овој простор се природна појава настаната со долготрајната ерозија на вулканските карпи со различна отпорност: игнимбрити, андезити и туфови. Научниците, пак, велат дека камените фигури се создале пред 10 милиони години, кога се уште немало луѓе на планетата. Вертикалната ерозија на вулканските карпи создала "кукли" повисоки од десет метри, кои и денес доминираат во питомата околина. Со тек на времето природата од нив извајала ретки ремек-дела.