„Крај Вардарот џез“ започнува утре и ќе трае до 20 мај

Утревечер започнува четвртото издание на фестивалот „Крај Вардарот џез“ во организација на дискографската куќа „ПМГ џез“ и ќе трае до 20 мај. Трите фестивалски вечери ќе се одржуваат на малата сцена во Македонската филхармонија и во Младинскиот културен центар.

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и во соработка со Аудио култура.

Еден од организаторите на настанот, Мирко Попов денеска кажа дека оваа година имаат супер програма.

- Сите четири македонски артисти или проекти, како ќе ги наречеме, се издание на нашата дискографска куќа и ќе доживеат премиерна концертна промоција на овој настан, додаде тој.

Попов одговори потврдно на прашањето дали може да се заклучи дека иницијалната идеја на овој фестивал е пред сѐ, промовирање на македонската современа џез музика.

- А странците ги користиме како дополнителен поттик, дополнителен „push“, за можеби публиката да се заинтересира малку повеќе, знаете секогаш публиката сака да види нешто екстра, а и ние сакаме да ги гледаме, јас и Владан сме фанови на овие бендови што доаѓаат, нагласи Попов.  

Тој откри дека сакаат овој фестивал полека да се етаблира како еден кул, квалитетен фестивал каде вреди да се настапи, да се вреди да се дојде до Скопје, да се погледне фестивалот, да се погледне градот, „да бидеме една интересна атрактивна точка и фестивалски и музички, но и географски“.

Организаторот Владан Дробицки изјави дека нив во „ПМГ џез“ доста позитивно ги изненадил квалитетот на проектите што ги добиваат на преслушување, односно на таканаречено, издавање.

- За многу брзо време, фактички двеипол - три години, успеавме да издадеме 40 албуми, што вака за македонски услови е доста добро, да не кажам, одлично, посочи тој.