Крадецот е крадец и со полн паричник и облечен во скапа бунда

Продавачка во скопски минимаркет лоциран во непосредна близина на зелен пазар, во населба Аеродром, раскажала два интересни случаи од многуте во нејзиниот работен век, што ги регистрирала пред нејзината продавница. Во едниот случај, средовечна жена без срам ѝ украла шака кикирики, а во другиот госпоѓа со крзнена бунда се обидела да украде од господин кеса полна со месо.

– Кикиритките ми ги крадат и гулабите и луѓето. На гулабите не им се лутам, тие тоа го прават несвесно за да се прехранат. Ама на оние свесните им се лутам бидејќи место да пробаат едно-две зрна од кикириките, тие зграбуваат цела шака и без срам си заминуваат. Тоа го направи една средовечна жена која со кесите полни од пазар поминуваше покрај маркетот. Прво погледна дали има некој во маркетот. Јас стоев зад касата и очигледно не ме забележа, а потоа без срам зграби од кикириките и си продолжи како ништо да не се случило. Јас тргнав по неа да ја следам до булеварот, а таа си јадеше од кикириките. Кога ѝ се приближив и и кажав дека ми зема од кикириките без да плати, таа место да се засрами, ми се нафрли како мене не ми било срам да ја следам за една шака кикиритки, раскажа таа.

Во друг случај, како што вели, на скопјанец му била украдена кеса со месо оставена на закачалка во маркет.

– Еден господин истрча од супермаркетот и фати за рака една госпоѓа токму пред мојата продавница. Се гледаше дека госпоѓата беше ситуирана по тоа што беше облечена во долга скапа бунда, носеше кожени чизми со високи потпетици, а долгите нокти како канџи излакирани. Господинот и укажа дека при излегување од супермаркетот му ја зела кесата полна со месо која била закачена на закачалка покрај влезната врата. Таа без збор му ја врати кесата и продолжи кон пазарот, а господинот само ѝ подвикна, како тоа не погрешила да му ја земе другата кеса полна со компири, низ смеа раскажала оваа продавачка.

(Извор - Вечерпрес, фото - илустрација)