Ковид-19 мутира, младите се најризичната категорија

Се помлади лица без претходни заболувања завршуваат на респиратор или кислородна поддршка во македонските болници како последица на Ковид-19. Ако на почетокот на пандемијата во најголем ризик беа повозрасните и хроничните пациенти, сега, состојбата според епидемиолозите е обратна. Предупредуваат дека вирусот мутирал и не е ист како пред 4 месеци кога беа регистрирани и првите случаи на заразени. Загрижувачка е и статистиката за смртни случаи – вчера кога имаше и најголем број на починати за едно деноноќие, возраста се движеше од 45 до 82 години.

-Сега се повеќе млади луѓе ни заболуваат. Имаме ситуација кога помлади луѓе и здрави заболуваат во тешки форми, заболуваат и постари но полесно. Вирусот кај некои е агресивен, кај други во поблаги форми. Вирусот овие 4 месеци мутирал за да опстане. Станува поагресивен кај помладите и како да прави обратно. Но малку е времето од 4 месеци да го осознаеме, вели др. Александар Стојанов, директор на Центар за јавно здравје Скопје.

 Најголемо жариште на вирусот е главниот град каде во моментот има повеќе од 2000 активни случаи. Нема кластери како на почетокот на минатиот месец кога надлежните велеа дека можат да ја контролираат заразата, туку, според евиденцијата на скопскиот центар за јавно здравје, инфекцијата е раширена во сите делови од градот.

- Со кластери е полесно, ги знаете луѓето ги изолирате и тоа, но сега овде е веќе искочено надвор и може секој на секое место да заболи. Чаир се уште води но не е како порано. Може да се каже дека ја носиме ситуацијата се додека имаме можност за хоспитализација. Кога бројот ќе биде голем да нема каде да бидат сместени, е тогаш е лошо како што имаше ситуации во некои развиени земји, вели др. Стојанов.

Доктор Стојанов вели дека во Скопје имаат примери во фамилии каде од вирусот се заразиле само еден или двајца а останатите и покрај блиските контакти не се позитивни. Епидемиолозите сметаат дека се потребни неколкугодишни студии за да ги дознаат картактеристиките на Ковид-19.