Ковачевски: Во тек се анализи за покачување на минималната плата

Претседателот на СДСМ и мандатар за состав на новата Влада, Димитар Ковачевски во своето експозе во Собранието денеска најави дека минималната плата ќе продолжи да расте што ќе придонесе за раст и на просечната плата.

„Порастот на минималната плата ќе продолжи како и растот на просечната. Во првата половина на 2022 година ќе го иницираме и заокружиме економско-социјалниот дијалог за утврдување на новата методологија за пресметка и порастот на нивото на минималната плата.“ посочи Ковачевски.

Покрај растот на платите, додаде Ковачевски, политиките на новата влада ќе се фокусираат и на намалување на стапката на невработеност која е проектирано да достигне 11,4 осто во 2024 година, односно да биде едноцифрена, 8,6 отсто до крајот на 2026 година. 

„Клучна цел на економската политика на Владата ќе биде креирање поголем и одржлив раст на економијата и пораст на БДП со удвојување на стапките на економски раст на среден рок и тоа од 2,5%, на 5% просечен раст. Ова ќе го постигнеме преку зголемувањето на домашните и странските инвестиции, инвестиции во јавни и приватни проекти, како и значајно зголемување на ефикасноста во реализацијата на капиталните инвестиции.“ посочи Ковачевски.