Ковачевски-Сарацин: Силна поддршка од Германија за следните чекори, Северна Македонија треба да е дел од ЕУ

Актуелните политички случувања во нашата држава и евроинтеграциските процеси и предизвици, биле теми на разговор на денешната средба премиерот Димитар Ковачевски со специјалниот претставник на Сојузната Влада на Германија за земјите од Западен Балкан, Мануел Сарацин, кој престојува во работна посета на земјава, соопшти владината прес-служба.

На средбата присуствуваше и амбасадорката на Сојузна Република Германија во земјава, Петра Дрекслер.

Премиерот Ковачевски ги истакнал заложбите на Владата во насока на остварување на стратешката цел-полноправно членство на Северна Македонија во Европската Унија. Специјалниот претставник на Сојузната Влада на Германија за земјите од Западен Балкан, Мануел Сарацин ја нагласил силната поддршка на Германија за евроинтеграцискиот процес на нашата држава, како и за следните чекори.  

Во таа насока, на состанокот, се дискутирало и за претстојниот процес на носење на уставните измени.

Премиерот Ковачевски, како што е наведено во соопштението, потенцирал дека Северна Македонија е на патот кој води кон напредок и просперитет, а тоа е членство во ЕУ и затоа е неопходна широка поддршка околу уставните измени. Тој изразил надеж дека сите политички партии ќе се обединат и ќе работат заедно на реформските процеси за да се овозможи побрзо членство во ЕУ.