Ковачевски – Петровиќ: Регионот ги унапредува односите, ЕУ е на потег

Евроинтеграциите на државите од регионот се од геополитичко значење и за Европа која треба да ги валоризира ефикасните надворешни политики поставени на линијата на политиките на ЕУ и застанувањето на правилната страна во однос на руската агресија врз Украина, оценија на денешната средба премиерот Димитар Ковачевски и амбасадорка на Република Црна Гора во земјава Марија Петровиќ.

Ковачевски и Петровиќ констатираа дека развојот на добрососедските односи е од голема важност за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните од државите во регионот, како и за развојот на конкурентни економии кон Европа.

На состанокот, како што информира владината прес-служба, се потврдени традиционално добрите, пријателски односи помеѓу двете држави, без отворени политички прашања и е споделена определбата за унапредување на соработката. Разговарано е и за можностите за одржување заедничка меѓувладина седница со цел унапредување на соработката во областа на економијата, со фокус кон инфраструктурни проекти, важни за олеснување на движењето на граѓаните меѓу двете држави, коишто партнерски соработуваат во одбраната, како членки на НАТО.

Премиерот Ковачевски се заблагодари за поддршката од Црна Гора за членството на Северна Македонија во НАТО. Тој посочи дека Република Северна Македонија, преку принципиелен дијалог ги развива добрососедските односи и дека државата и понатаму останува фокусирана на политики базирани на меѓусебно почитување. Во тој контекст е посочено на вчерашниот историски чин на признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА, од страна на СПЦ, со што повеќе нема отворени прашања и помеѓу Северна Македонија и Србија.

На средбата е оценето дека стратешкиот дијалог на Северна Македонија со САД носи придобивки на економски и образовен план.