Преседателот на Владата, Димитар Ковачевски од денешниот Самит за Берлинскиот процес, истакна дека инклузивната поставеност на Берлинскиот процес, придонесува во унапредувањето на регионалната интеграција.
Тој додаде дека тоа е во насока и на заложбите на земјава, како и на сите држави во регионот, за полноправно членство во Европската Унија. Покрај Ковачевски, во Берлин беа и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
На Самитот присуствуваа и претседателите на владите на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора, претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејен и германскиот канцелар Олаф Шолц кој е домаќин на годинашниот Самит.
-Премиерот Ковачевски, се заблагодари на канцеларот Шолц, односно на Сојузна Република Германија за иницијативата Берлински процес, што придонесува во инклузивниот пристап кон овие прашања, како и на претседателката на ЕК, Фон дер Лејен за фокусот кон проширувањето на ЕУ со државите од Западен Балкан - се вели во соопштението.
Во заклучоците од Самитот, како што информираат, учесниците на Берлинскиот процес ја потврдиле важната улога на Берлинскиот процес како двигател на регионалната соработка и забрзувач на процесот на интеграција во ЕУ.
-Во насока на заложбите за заеднички регионален пазар, сите учесници на Самитот го поздравија потпишувањето на Договорот за признавање на високообразовните квалификации во Западен Балкан и Договорот за признавање на професионалните квалификации за доктори по медицина, стоматолози и архитекти врз основа на правилата на ЕУ, коишто значително ја унапредуваат мобилноста на студентите, академиците и професионалци од Западен Балкан. Поздравено е потпишувањето и на Договорот за слобода на движење со лични карти во Западен Балкан, како клучна пресвртница на Заедничкиот регионален пазар и значаен чекор напред кон отстранување на бариерите за мобилност на луѓето во регионот - се наведува во соопштението.
Заедничкиот регионален пазар, како што било оценето, останува одлучувачки и сеопфатен процес, за да се постигне економска отпорност на регионот, особено во услови на руската војна против Украина и закрепнување на државите по КОВИД-19, што ќе овозможи понатамошна интеграција на Западен Балкан во единствениот пазар на ЕУ.
-Во однос на енергетската безбедност/транзиција, зелената агенда и климатските промени, сите учесници на Самитот се согласија дека енергетската криза и транзицијата кон обновливи енергии може да се управуваат само преку подлабока регионална соработка, дека Европа треба да го преиспита снабдувањето со енергија и околу енергетската безбедност и дека е ова клучно, не само за да се обезбеди прифатлива и сигурна енергија, туку и за борба против климатските промени и намалувањето на загадувањето на животната средина - информираат од Владата.
На настанот била идентификувана и потребата од поголема соработка на полето на сајбер безбедноста и борбата против различните форми на хибридни закани низ Западен Балкан. Следниот Самит на Берлинскиот процес 2023 година, учесниците се согласиле да се одржи во Албанија.