Котлар: Прв документ кој ќе го потпишам е одлука за неиздавање градежна дозвола додека не помине ревизијата на истата

Таа е родена во Скопје, израсната и образована во овој град. По професија е историчар и работи како редовен професор на Институтот за национална историја. Наташа Котлар Трајковска е кандидат на ВМРО ДПМНЕ за градоначалник на општина Центар. 

Во денешното интервју разговараме за предизвиците, проектите, одлуките и за тоа како општина Центар може да стане општина по мерка на жителите. 

Која е Наташа Котлар-Трајкова и кој е предизвикот за влез во трката за прв човек на општина Центар?

Јас сум историчар и работам како редовен професор во Институтот за национална историја. Родена сум во Скопје, израсната и образована во во родниот град. Мајка сум на два сина, постариот, Иван има дипломирано финансиски менаџмент, а помладиот, Стефан е при крај на студиите при Технолошкиот факултет, на одделот за Прехранбена индустрија, мојот сопруг е градежен инженер. Сè што сум постигнала во животот и во кариерата е резултат на мојата лична работа и упорност, како и на поддршката од семејството. Јас не потекнувам од политичка или друг друг вид династија на функционери, заслужни за „партијата“. Предизвикот за активното учество во политиката е секако се должи на моите лични ставови, дека во ова денешно време мора да се искаже активен однос кон актуелни политичко-економски услови и дека секој оној кој има научен интегритет, мора да искаже и општествена одговорност, за разоткривање на вистината (не на перцепцијата) – за здрава социјална, политичка, културна атмосфера во општеството. Конечно, сметам дека моја должност е јасно, гласно и постојано да говорам, да подучувам и да предупредувам на нештата и на процесите значајни за општественото живеење. Моето кандидирање за градоначалник на општина Центар е огромен предизвик за идеалист каков што сум јас, кој верува во промени, кој никако и за ништо не се согласува со тезата дека „нештата не можат да се променат“. Сè може, ако се сака, ако се знае, ако се работи чесно и совесно.

Се чини дека мафијата и крупните моќници имаа сериозно влијание врз локалната самоуправа. Може ли една дама да се спротивстави на нив? 

Справувањето со оваа појава не зависи од тоа на кој човечки род му припаѓате, туку да ли сте човек со интегритет, со цврста волја, но и визија за промени. За ова пак, е потребна решителна определба за воведување на работата како основна вредност во делувањето, заради справувањето со евидентниот коруптивен менталитет и партизацијата. Спремна сум да работам со посветена и одговорна администрација, која ќе биде вистински сервис за потребите на Центарци, а не како досега, мистична, елитистичка, (едно)партиска и недопирлива. Предизвиците нема да ги решавам сама, туку со тим на луѓе веќе докажани со своето знаење и способности во одделните дејности, особено без да водам грижа за нивната политичко-партиска и идеолошка определеност за промени во работењето и однесувањето кон проблемите во локалната самоуправа.

Се борите да станете градоначалник на општината во која долго време владее урбанистичкихаос, може ли да се стави крај на градењето без план?

Сметам дека може и дека треба да се започне од почитување на законските одредби и постапки, односно Законот за градба и Законот за просторно и урбанистичко планирање, како и со придржување кон соодветните правилници – Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и Правилникот за поблиска содржина, форма и начинот на обработка на урбанистичките планови. Како и со стручно подготвен и посветен урбанистичко-архитектонски кадар и оддел.

 Што е со зеленилото има ли простор Центар да биде зелена општина?

Општина Центар е буквално задушушена и веќе страда од недостаток на зеленило. Затоа во Програмата посветивме внимание на можноста да изградиме нови паркови, да ги зголемиме зелените површини и да засадиме дрвореди на секоја улица. Големите бетонски површини, коишто се еден од симболите на Градскиот ѕид, ќе ги преобразиме во зелени оази. На местото од плочите, кои во летните месеци се вжештуваат и го прават животот уште понеподнослив, ќе засадиме трева и дрвја, а станарите ќе добијат нови детски и спортски игралишта. По должината на клучните и најоптоварени булевари со сообраќај ќе ги обновиме и дополниме дрвјата за да може да ја намалиме бучавата и загадувањето на воздухот од сообраќајот, при што ќе користиме специјални сорти дрвја кои најдобро апсорбираат ПМ честички, прашина и други штетни материи. На помалите улици, кои во моментов се оставени без никакво зеленило, ќе засадиме нови дрвореди, со дрвја кои одговараат на широчините на тротоарите. Така, не само што ќе ја подобриме средината од еколошки и визуелен аспект туку и ќе обезбедиме сенка, што е особено важно за пешаците во град со толку жешки лета и бетон, какво што е Скопје.  

Која ќе биде првата одлука која Котлар ќе ја потпише по превземање на градоначалничката функција?

Секако би била одлуката за подобрување на условите за живеење во Крњево, но и одлуката, за неиздавање на градежна дозвола додека не помине резизијата на истата.

Кои останати проекти се во фокусот на вашата општина?

Центар не е само центар на Скопје, туку поради сите државни, јавни и други институции е и центар на државата, оттука ќе ги споменам следниве проекти: НЕ за бетонирање на Центар (капитална инвестиција не е само зграда за живеење), дрворед буквално на секоја улица, создавање хумани можности за пешаците, велосипедистите и хендикепираните лица, паркинг место за секој жител, но и акција за намалување на возилата каков што е светскиот тренд во развиените земји, експертско урбанистичко планирање кое е водено од јавниот, а не од поединечниот интерес, вистинска реконструкција, односно преосмислување на улиците, справување со отпадот со модерни технологии. Конечно, изградба на Дом за дневен престој на деца со посебни потреби со стручна нега, изградба на градинки, Иновативен парк за млади научници и претприемачи, да донесеме зелени инвестиции за вработување на младите кои ни заминуваат, итн. Да ги реновираме постојните станбени објекти со нови енергетско – ефикасни фасади, да ги замениме азбестните кровови,  но и да направиме вистинско урбано и културно средиште со уникатни, најмодерни содржини. Ќе го воведеме и концептот на Паметна (Smart) Општина, каде дури и градежните дозволи ќе можат електронски да се добиваат во домот. На тој начин, граѓаните повеќе нема да се изложени на поткуп во овој процес. Социјално-економската определба е исто така присутна, при што општината ќе помага или стимулира разни категории на луѓе и на еснафи. Впрочем институцијата „референдум“ за нивно непосредно изјаснување, ќе ја применувам често при донесување на урбанистичките планови, буџетот на општината и за сите важни прашања.

Во каква општина Центар сака да живее Котлар?

Сакам да живеам во чиста и незагадена општина Центар, функционална, отворена, урбано уредена и зелена, пријатана за живеење и како културно средиште на градот и на државата во вистинска смисла на зборот.