Костовски: Обезбедени околу 1.8 милиони евра за водоснабдување на Љубанци и Љуботен со чиста вода за пиење од градскиот водовод

Градоначалникот на Општина Бутелм Дарко Костовски информираше дека денес заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и вицепремиерот на Владата, Александар Николоски направиле увид во градежните активности на, како што вели, историскиот проект, за изградба на водоснабдување на Љубанци и Љуботен.

„Многумина не се ни обидоа, многумина не веруваа, но по 30 години лажни ветувања денес овој проект е реалност. Пред 4 години го ветив овој проект и денес зборот го одржав! Ја подготвивме целата проектна документација и макотрпно работевме на овој проект“, истакна Костовски во својата објава на Фејсбук.

Како што посочи тој, Владата на Република Македонија преку Министерството за транспорт и врски обезбеди над 110.000.000 денари за реализирање на еден од најголемите капитални проекти, а тоа е водоснабдување на селата Љубанци и Љуботен со чиста вода за пиење од градскиот водовод.

„Благодарност до Претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски, до вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николовски за големата поддршка која ни ја дадоа за реализација на овој исклучително значаен проект. Благодарност и до жителите на селата Љубанци и Љуботен кои ни даваат голема поддршка и ја видоа нашата искрена заложба за овој проект конечно да се реализира, вели Костовски.