
Стигнаа првите јавни критики на сметка на родителите на познатиот Македон - 11-годишното дете кое освојува бројни награди на претстижни меѓународни натпревари.
Деновиве, низ медиумите се објави дека македонскиот математички талент Македон Димитровски оствари уште еден извонреден меѓународен успех, освојувајќи повеќе престижни признанија на натпреварот „Математика без граници“, кој се одржа во Несебар, Бугарија. Јавноста со низа јавни пофалби во коментари и со силна поддршка за детето кое ја претставува Македонија во едно навистина позитивно светло. Не ретко е со македонското знаме во раце или на себе, а и облеката која ја носи на меѓународните настапи е во црвено-жолта боја.
Но, на социјалната мрежа Фејсбук се појави и критика дека има и други деца кои учествувале на овој конкретен натпревар во Бугарија и освоиле награди, но за нив не објавиле медиумите.
- Покрај Македон, и други млади македонски математичари во Несебар освоија медали. Неговите родители не го споменуваат тоа, ниту се гордеат и со успехот на другите македонски натпреварувачи... Сè уште тврдам дека се работи за претерано рекламирање на сопственото дете. Ете, распнете ме, но преку глава ми е од митови... - сподели во објава Весна Костовска, професорка и научна советничка во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
На социјалните мрежи се разви дебата за овој тренд да се споделуваат успесите на сопствените деца и границата до каде оваа промоција е прифатлива.
Инаку, таткото на Македон, на социјалните мрежи сподели и фотографија од македонскиот тим кој учествуваше на натпреварот во Несебар, соседна Бугарија, меѓу кои е и Македон Димитровски.
Неодамна, Македон се вброи во топ 3 најпаметни деца во светот.