Костени – ризница од витамини и голем сојузник против вишокот килограми

Есента е тука, а со неа и мирисот на печени костени во центарот на Скопје. Мирисот е преубав, а нивниот вкус навистина посебен. 

Костените припаѓаат на групата јаткасти плодови, но за разлика од бадемите, оревите и лешниците, содржат помалку масти, висок процент на скроб и витамин Ц. Имаат сладок вкус и широка примена во кулинарството. Во продавниците за здрава храна може да се најде и брашно од костени кое се користи за правење леб и пецива.

По нутритивниот состав, костените се слични на интегралниот ориз, а исто така се и одличен извор на минерали кои се потребни за нашето здравје. Белковините не им се најсилна страна, но затоа се богати со скроб.

Костените се единствен јаткаст плод кој содржи витамин Ц, а претставува и одличен извор на витамините Б6. Исто така, тие се и одличен извор на калиум и фолна киселина, но и прехранбени влакна неопходни за добро варење на храната. 

Поради високото количество на билни влакна и сложени јагленохидрати, костените предизвикуваат чувство на ситост. Тие се одлични во борбата против вишокот на килограми.

Добри се и за забите и коските, поради комбинацијата на калциум, фосфор и магнезиум. Освен тоа, го стимулираат нервниот систем бидејќи се богати со минерали и витамини од Б групата. 

Корисни се и за дијабетичарите поради тоа што бавно ги апсорбираат јагленохидратите и инсулинот во крвта. Содржат и есенцијални аминокиселини корисни за веганите. 

Со високо количество железо, тие се одлични во борбата против анемија, особено ако се комбинираат со некое овошје кое содржи витамин Ц.