Костадинов по кривичната пријава: Подготвен сум да одговорам за секоја своја одлука

Поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, се огласи на Фејсбук откако СВР Струмица поднесе кривична пријава против него и уште две лица поради сомневања за злоупотреба на службената положба и фалсификување исправа, поврзани со легализација на бесправно изграден објект во струмичкото село Куклиш.

Toj ги отфрла обвинувањата како неосновани и тврди дека сите негови одлуки биле донесени во согласност со законските процедури.

„Подолг период сум изложен на континуирани јавни објави во кои моето име се поврзува со неосновани сомневања и обвинувања, веројатно заради нечии дневни интереси и интриги. Нивното постојано повторување создава впечаток дека одговорноста е веќе утврдена, пред да бидат слушнати моите аргументи и оценети доказите кои ги имам во огромен број. (По препорака од мојот правен тим,) досега бев воздржан од почит кон постапките и институциите, оти само на тој начин можеме да градиме вистинска европска правна држава. Таа воздржаност е свесен избор, а не отсуство на аргументи. Својата одбрана ќе ја водам таму каде што се утврдува вистината и се одлучува за одговорноста“, истакна Костадинов.

Од медиумите, како што вели во објавата на Фејсбук, очекува точно и одговорно известување, а од сите учесници во јавниот живот, почитување на неговото достоинство и презумпцијата на невиност.

„Критиката е составен дел од демократијата. Однапред изречената пресуда ја поткопува правдата и ја нарушува и тоа како довербата во институциите. Не барам доверба на збор. Барам простор фактите да бидат слушнати и доказите непристрасно оценети“, посочува тој.

Екс-градоначалникот на Струмица порача дека е подготвен да одговора за своите постапки и дека верува во владеење на правото.

„Најостро се противам на начините за избегнување на правда на кои сме сведоци, како 50 тони фатени нелегална марихуана и многу други за кои слушаме постојано“, додаде Костадинов.