Косовската полиција презема дополнителни безбедносни мерки во пресрет на изрекувањето на првостепената пресуда во случајот „Тачи и другите“ пред Специјализираните совети на Косово во Хаг.

Пресудата за Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи треба да биде соопштена на 16 септември во 10 часот. Четворицата поранешни високи претставници на ОВК се обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото поврзани со војната во Косово во 1998 и 1999 година.
Полицијата соопшти дека ќе ангажира дополнителни единици за обезбедување на јавниот ред и мир, особено поради најавените јавни собири и протести поврзани со пресудата. Од институцијата уверуваат дека безбедноста ќе биде обезбедена за сите граѓани и дека ќе се преземат мерки за настаните да поминат без инциденти.
Во пресрет на најавените собири, полициското раководство одржува координативни состаноци со надлежните одделенија и регионалните дирекции, како и со меѓународните безбедносни партнери.
Во координацијата се вклучени КФОР, ЕУЛЕКС, Амбасадата на САД, канцелариите на Европската Унија и ОБСЕ.
Случајот против Тачи, Весели, Селими и Красниќи е еден од најзначајните процеси пред Специјализираните совети на Косово. Обвинителството ги товари за учество во кампања на прогон во која, според обвинението, имало убиства, тортура, присилни исчезнувања и незаконски притворања за време и непосредно по војната.
Тачи, кој по војната стана еден од највлијателните политичари на Косово, во 2020 година поднесе оставка од претседателската функција по подигнувањето на обвинението.