Косово упати протесна нота до Македонија поради инцидентот со претседателката Османи

Министерката за надворешни работи на Косово во петокот објави дека испратила протестна нота до Северна Македонија, барајќи најбрзи и најцелосни појаснувања за инцидентот на скопскиот аеродром во кој беше вмешана претседателката Вјоса Османи.

Во соопштението на министерството се наведува дека Османи се соочила со несоодветен и незаконски третман од обезбедувањето на скопскиот аеродром.

„Министерот Гервала достави протестна нота до властите во Северна Македонија, барајќи итно и целосно расчистување на овој инцидент. Истовремено, побарано е македонските власти да преземат итни мерки за да се истражи овој случај и да се погрижат ваквите настани да не се повторат во иднина“, напиша МНР на Фејсбук.

Понатаму во соопштението се наведува дека министерката за надворешни работи, Доника Гервала, вчера вечерта по инцидентот и денеска веднаш се сретнала со македонскиот амбасадор во Косово, „побарајќи појаснување за случајот“.

„Исто така, денеска министерот Гервала во МНР оствари средба со вицепремиерот на Северна Македонија, г. Арбен Фетаи со кого разговарале за предметниот инцидент и потребата од преземање брзи институционални дејствија. Во рамките на преземените дејствија, министерката Гервала попладнево добила телефонски повик од нејзиниот колега, министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, при што била изразена загриженоста на институциите на Косово по вчерашниот инцидент“, се продолжува во соопштението.